Новости

Заврши откупот на тутунот од реколтата 2017, постигната највисока просечна откупна цена од 217,60 денари
Дата на објава: 
21 Март 2018
tutun22.png

Во рамки на предвидениот законски рок, заврши откупот на тутун од реколтата 2017-та. Откупот започна на 15 ноември во 2017 година, а заврши на 15 март 2018 година. Од регистрираните 9 откупни компании, на терен откуп вршеа 8 претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење на откуп на тутун поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупната договорена и откупена количина на тутун од тековната реколта.

 

Од страна на откупните тутунски претпријатија по општини и населени места пријавени се вкупно 146 откупни пунктови и тоа за редовен откуп на суров тутун во лист од реколта 2017 година. При тоа  откупени се вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм. Откупениот тутун е во целост исплатен.

 

Од откупениот тутун, од типот Јака се откупени 2.447.601 килограми, со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот Прилеп се откупени 21.111.455 килограми со просечна откупна цена од 218,14 денари за килограм.

 


По 70 години реновирана метеоролошката станица во Крива Паланка
Дата на објава: 
17 Март 2018
40618413-cb6c-4970-9801-17e712f2658f.jpg

По цели 70 години се реновираше главната метеоролошката станица во Крива Паланка, која е дел од мрежата на станици на мeтеоролошкиот набљудувачки систем во Република Македонија.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство преку Управата за хидрометеоролошки работи, отсега навремено ќе добива податоци за временските услови, климата и нејзините промени од кои во голема мера зависи земјоделското производство.

На барање на Управата за хидрометеоролошки работи, Владата на Република Македонија, донесе одлука за обезбедување на 2 милиони денари од буџетот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за реновирање на станиците во Крива Паланка, Штип и во Демир Капија, и 3 милиони денари за поправка на радарскиот систем во Ѓуриште.


Николовски на трибина со земјоделците: Нови стратегии за поголем број на земјоделски осигуреници
Дата на објава: 
18 Март 2018
DSC_2658 (1).JPG

Државата и натаму ќе финансира 60% од премијата за осигурување на земјоделските поседи, но потребно е да се подигне свеста за потребите и придобивките од осигурувањето кај земјоделците.   Ова денеска го порача министерот Љупчо Николовски на трибината со земјоделците и осигурителните компании.

На средбата се дискутираше како да се зголеми бројот на осигурени земјоделци и да се искористат што повеќе мерките на Министерството за земјоделство. И покрај мерката со која државата покрива 60% од премијата за осигурување, во последните години се бележи пад на бројот на осигурени земјоделци. Овие податоци беа доволни да се вклучи алармот и побараат решенија за зголемување на бројот на осигуреници.


Во црниот дроб на дивечот утврдени големи концентрации на кадмиум, олово и жива
Дата на објава: 
16 Март 2018
pres lovigii.JPG

Да не се јаде црниот дроб од дивечот зашто може да содржи поголема количина тешки метали од дозволената, апелира денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов. На прес-конференција Атанасов информира и дека две ловни друштва пријавиле појава на трихинелоза кај дивечот, а се следат и бруцелозата, птичјиот гирп, африканската и класичната свинска чума, како и беснилото кај лисиците. Веќе се дадени препораки, како да се постапува во случаите со трихинелоза.

– Во црниот дроб на дивечот, посебно кај дивата свиња, дивите птици и зајакот, утврдени се поголеми количини олово, кадмиум и жива поради што се препорачува овој орган да не се консумира. Особено ова важи за ловџиите кај кои, традиционално, по ловот, најпрво се јаде црниот дроб како вид гоштевање, нивно и на семејството - истакна Атанасов.

Најголеми отстапувања во присуството на тешки метали во црниот дроб има кај дивечот во реоните на Гевгелија, Велес, Куманово, Прилеп и Струга, додека само лани, во четири случаи се утврдени повеќе тешки метали и во мускулното ткиво.


Прва седница на Мешовитиот комитет на Македонија и Србија
Дата на објава: 
15 Март 2018

Во Белград денеска ќе се одржи првата седница на Мешовитиот комитет на Македонија и Србија чија цел е надминување на бариерите и сите отворени прашања за полесен проток на стоки и унапредување на размената.

 

Комитетот се формира по иницијативата што произлезе од средбата на министрите Љупчо Николовск и Расим Љајиќ во Скопје, на 7 март, кога беше постигнат договор за увозот на српското брашно во земјава.

 

Македонската делегација во Комитетот ќе ја претставуваат седум членови, претставници од Министерството за земјоделство, Царинската управа, Државниот инспекторат за земјодлство, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и стопанственици.

 


Syndicate content