Реакција од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на прес конференцијата на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски

28.04.2020 13:30:00


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги демантира информациите изнесени од дополниелниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, дека министерството „не се откажува од кратење на непродуктивни трошоци од кој најголем дел се за саеми и прошетки“.

Промоцијата на македонските земјоделски производи на меѓународните саеми е важна за зголемување на извозот на нашите производи, и е финансиски поддржана преку Програмата за рурален развој. Од почетокот на годината финансиски се поддржани само два меѓународни саеми во Германија и во Русија, кои се одржаа во февруари. 

Со прогласувањето на глобалната пандемија и вонредната состојба во нашата држава, се откажаа сите меѓународни саеми, и во овој период, МЗШВ нема поддржано ниту една саемска и локална манифестација.

Дел од предвидената сума за поддршка на саеми и локални манифестација веќе е пренаменета за во ставката за капитални инвестиции и во преземени и заостанати обрвски од минатите години. Со оглед на настанатата состојба, МЗШВ планира соодветни измени и пренамени на средства од Национланите програми, а се со цел да им се помогне на земјоделците да имаат одржливо земјоделско производство. МЗШВ потенцира дека нема застој во исплатата на субвенциите за земјоделците. Само од почетокот на годинава досега се исплатени околу 85 милиони евра за субвенции, а за неполни три години, Владата исплати 427 милиони евра субвенции.

Трипуновски, којшто пред оваа позиција работеше долги години во државни институции во секторот земјоделство, треба да знае како се прават измени на Програми, како се носат мерки, како се вршат пренамени на финансиски средства. Ако вистински сака да им помогне на земјоделците, наместо да ја користи вонредната состојба за прибирање на политички поени и сликање, може да се вклучи во работата на министерството и да достави предлози.

Досега од Трипуновски до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, не е доставен ниту еден предлог. Срамно и крајно неодговорно е да ја користи позицијата на дополнителен заменик-министер и вонредната состојба за партиски интереси и манипулации со земјоделците.

 

 

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици