Вицепремиерката Царовска, министрите Адеми и Димковски и замениците министри Бајрактар и Шкријељ: Донесовме пакет мерки, се грижиме за сите

29.04.2020 15:00:00


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заменикот министер и дополнителната министерка за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и Санела Шкријељ, преку електронска апликација, на заедничка конференција за медиумите, реализирана преку електронската апликација „Zoom“, ги презентираа донесените мерки и реализираните активности за заштита на граѓаните и компаниите, особено оние најзагрозените од последиците на коронавирусот КОВИД-19.

Вицепремиерката за економски прашања посочи дека при создавањето на мерките особено внимание е посветено на почитување на принципите на недискриминација и заштита на човековите права, што е особено важно во вакви кризни ситуации. Таа додаде дека е креиран сеопфатен пристап, со кој се докажува дека Владата се грижи за сите граѓани и притоа никој нема да биде запоставен. Царовска се осврна и на работата на инспекциските служби, кои изминатиот период, работеа максимално посветено и професионално, во насока на обезбедување на имплементацијата на мерките и препораките на Владата, а особено за заштита на правата на граѓаните.

„Сите државни инспекторати овој период се постојано на терен, за да обезбедат почитување на владините одлуки, заштита на правата на потрошувачите и на работниците. Во изминатиот месец направени се вкупно 33.173 надзори од инспекциските служби. Тука сакам да истакнам дека Државниот инспекторат за труд веќе има издадено 37 решенија, за 28 фирми со што на работа се враќаат 140 вработени кои неправично добиле откази. Им благодарам на сите инспекторати, кои својата работа ја извршуваат со полна професионалност. Контролите продолжуваат, будно ја следиме состојбата и секое прекршување на правата на граѓаните ќе биде санкционирано“, нагласи вицепремиерката Царовска.

Царовска ги повика сопствениците на компаниите да ги користат донесените економски мерки за поддршка на стопанството, затоа што така ќе ја одржуваат ликвидноста на компаниите и ќе помогнат на своите вработени.

„Донесовме два пакети мерки дизајнирани да им помогнат на компаниите, на работниците, на бизнисот и на граѓаните, за да се зачуваат колку што е можно повеќе работни места. Особено ми е драго кога гледам дека помошта стигнува до оние за кои е наменета. Досега се одобрени вкупно 254 апликации за бескаматни кредити од Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 2,2 милиони евра, односно за компании со вкупно 2,853 вработени. Пристигнати се повеќе од 1,050 кредитни апликации во износ од 7,5 милиони евра. Ги повикувам уште еднаш компаниите да ги користат владините мерки, за заедно да помогнеме на економијата и да ги зачуваме работните места“, потенцираше Царовска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски посочи дека по надминувањето на здравствената криза предизвикана од коронавирусот, земјоделството како сектор и производството на храна, ќе бидат исклучително важни за севкупната економија и за граѓаните.

„Во комуникација со земјоделците и со сите чинители од секторот земјоделство, креирани се мерки, коишто ќе овозможат одржливо земјоделско производство. Секоја мерка е во насока на помош на земјоделците, да можат непречено да ги продолжат започнатите земјоделски активности, да произведат повеќе, да имаат пласман за производите, да се покријат загубите во производство онаму кадешто е потребно и успешно да ги реализираат започнатите инвестиции“, кажа Димковски.

Министерот посочи дека на вчерашната владина седница, донесена е нова интервентна мерка во висина од 3 денари за продадена зелка во периодот од 1-ви април до 5-ти април 2020 година. Мерка е донесена во координација со производителите на зелка, а заради стабилизирање на пазарот со зелка, бидејќи во месец април поради вонредната состојба дојде до дестабилизација на пазарот и големо намалување на побарувачката и на откупната цена.

„Со цел да им се овозможи на земјоделците прво да обезбедат приходи од продажба па потоа да платат закупнина за државното земјоделско земјиште, се продолжи рокот за плаќање на годишната закупнина за државно земјоделско земјиште за 2019 до 12-ти ноември 2020 година. До истиот рок, нема да се врши еднострано раскинување на договорите за закуп на земјоделско земјиште заради неплатена годишна закупнина.

„За успешна реализација за започнатите инвестиции и комплетирање на потребната документација, ги ставивме во мирување роковите за сите јавни повици за поднесување проекти и реализација на инвестиции од Националните програми и од ИПАРД 2 програмата“, потенцира министерот.

Зголемена е вкупната финансиска поддршка за женско јагне на 2.500 денари по грло, за да се покријат загубите на одгледувачите на овци поради намалениот извоз на јагниња. Поради намалената динамика на склучување на договори за производство и за откуп на тутун за реколтата 2020 во месец март, рокот за склучување на договори кој го склучуваат производителите на тутун со регистрираните откупувачи на тутун, се продолжи до утре. Зелените коридори за побрз транспорт на стока веќе функционираат и тоа во значителна мера ќе ја олесни трговијата со земјоделски производи. Преку отворањето на платформата „Понуда и побарувачка“ им овозможивме на земјоделците да можат да ги понудат своите производи, а се во насока на обезбедување на пласман.

„Ги повикувам граѓаните да купуваат домашни производи, и на тој начин да го заштитиме и поддржиме домашното производство. Земјоделците кои се самостојни вршители на дејност, а се регистрирани според Законот за трговски друштва, ќе имаат можност да користат и дел од економскиот пакет на мерки, како финансиската поддршка од 14.500 денари за месеците април и мај“, заврши МЗШВ Димковски.

Министерот за образование и наука Арбeр Адеми посочи дека МОН заедно со сите останат надлежни институции во областа на образованието и со голема поддршка и помош од другите ресори, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, но и низа домашни и странски партнерски организации помеѓу кои го издвои УНИЦЕФ, максимално се посветија воспитно образовниот процес на младите во Северна Македонија да продолжи на најдобар можен начин согласно околностите.

„Покажавме подготвеност да реагираме брзо и ефикасно, притоа водејќи се секогаш по најдобрите интереси на младите. Прекинот на образовниот процес во училиштата траеше само неколку денови, а потоа продолжи да се реализира на еден поинаков начин, како и во голем број земји во светот. Започнавме со емитување на едукативна програма „ТВ училница“ на националниот телевизиски сервис МРТВ, која и ден денес трае и има висока гледаност од оние за кои е наменета. Во рамки на програмата се реализираат наставни содржини за ученици од прво до деветто одделение согласно насоки од Бирото за развој на образованието и со приоритетност на учениците од најниските одделенија“, нагласи Адеми.

Истовремено, изработена и ставена во функција е првата национална платформа за далечинско учење, ЕДУИНО која континуирано се надополнува со нови содржини, односно видеолекции по сите предмети од основното и средното образование.

„Денес нема училиште кое не започнало да спроведува некаква форма на далечинско учење. Сите се дел од оваа нова форма на едукација. Наставниците се максимално посветени, ангажирани и во овие тешки моменти кога улогите кои ги извршуваат се навистина испреплетени, тие успеваат од дома да одржуваат комуникација со своите ученици на дневна основа и да им помагаат во совладувањето на наставната материја. Имаат конкретни насоки и упатство како да ги реализираат наставните содржини, да ги следат постигнувањата на учениците и како да ги проверуваат и оценуваат стекнатите знаења. Искрено сум и многу благодарен за напорите кои ги вложуваат и се надевам дека политиката за соодветно вреднување на нивниот труд која ја воспоставивме во изминатите две-три години преку зголемувањето на платите за повеќе од 21% и преку обезбедувањето на можности за кариерен и професионален развој, ќе продолжи да се надградува и во периодот што следи“, подвлече министерот за образование Арбер Адеми.

Заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, рече дека континуирано се одговара на предизвиците што ги носи здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, така што постојано го прилагодуваме системот на социјална заштита, за да ги пресретнеме потребите на граѓаните.

„Се релаксираат критериумите и начинот на остварување и користење на Правото на гарантирана минимална помош. Првата измена се однесува на пролонгирањето на важењето на олеснетиот услов за утврдување на материјална необезбеденост. Имено, условот да се утврдува материјалната необезбеденост врз основа на приходите на сите членови на домаќинството сметано само од последниот месец, наместо да важи само за месеците април и мај, се предвидува да важи во периодот април-декември 2020. Со оваа измена овозможуваме брза реакција на системот на социјална заштита со цел давање на финансиска поддршка на материјално необезбедените домаќинства кои немаат приходи во претходниот месец, од разни причини: престанок на работен однос, губење на други видови приходи и слично.

Дополнително, даваме можност да право на гарантирана минимална помош може да остварат и оние кои се избришани од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кои работниот однос им престанал спогодбено, по барање или со отказ. И третата важна измена е што за предвидениот период дополнително се релаксираат поединечни критериуми за остварување на правото на ГМП, кои досега се појавуваа како најчести причини за неможност за остварување на ова право. Тоа се на пример поседување на возило постаро од 5 години (патничко моторно возило, мотор над 50 cм3, комбе, автобус, камион, комбајн и трактор), земјиште со површина не поголема од 500 м2 освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде корисникот. Истите овие нема да се сметаат како имот што корисникот може да го отуѓи или изнајми и на тој начин да се издржува. Исто така, мерката за поддршка на постоечките корисници на системот за социјална заштита, со која околу 30.000 домаќинства добиваат по 1.000 денари енергетски додаток, сега освен за месеците април и мај, се продолжува се до септември, односно и надвор од грејната сезона се со цел да им се обезбеди дополнителна поддршка на најранливите семејства“, кажа Бајрактар.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ посочи дека со последните измени на Уредбата за примена на ЗСШ во време на вонредна состојба се продолжува користењето на правото на надоместокот заради попреченост и правото на надоместок за помош и нега од друго лице додека трае вонредната состојба. За да ги заштитиме корисниците на надоместок заради попреченост и надоместок за помош и нега од друго лице, оние на кои конзилијарното мислење им истекува додека трае вонредната состојба, ќе продолжат да го користат надоместокот без посета на Комисијата и издавање на конзилијарно мислење. Додека трае вонредната состојба не треба да носат ново мислење, туку во рок од два месеци по завршување на вонредната состојба, треба да го направат контролниот преглед.

„Со уредба за примена на законот за детска заштита правото на посебен додаток, остварено врз основа на издадените наоди од соодветен стручен орган, во кои е препорачан контролен преглед, односно повторен преглед - контрола или рекатегоризација, во периодот на траење на вонредната состојба, се продолжува за време на траење на вонредната состојба, како и два месеци од денот на престанокот на траењето на вонредната состојба. Системот на социјална заштита непречено функционира и во услови на вонредна состојба, зашто посебно на ранливите категории граѓани им е од животна важност поддршката од заедницата. МТСП ја зголеми достапноста на сервисите за жртвите од семејно насилство низ земјата. Потенцијалните жртви можат да се обратат за помош во центрите за социјална работа и воспоставените сервиси кои ги покриваат сите региони во државата како и на бесплатните телефонски СОС линии. Стручните лица од центрите за социјална работа имаат дозвола за непречено движење и за време на полициски час, со цел жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка. Посебна дозвола за движење не им е потребна ниту на оние кои сакаат да пријават насилство. Тие непречено можат да одат до најблиската полициска станица“, нагласи Шкријељ.

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика додаде дека во соработка со УНИЦЕФ и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, пуштена е во употреба бесплатната телефонска линија 075/230-530 за помош, поддршка и советување на родителите и старателите за подигање на децата во сигурна и грижлива семејна средина. Таа функционира секој ден, вклучувајќи ги и викендите, од 15:00 до 20:00 часот. Исто така, МТСП, со поддршка од УСАИД и УНИЦЕФ, дистрибуира над 2.000 пакети хигиенски производи за семејствата од Шуто Оризари, населбите Тризла, Бајро, Керамидница, Гостивар и семејствата од населбата Црник, Делчево. Обезбедени се и пакети за особено ранливи групи во системот на социјална заштита како самохраните семејства приматели на права и жртвите на семејно насилство. Центрите за социјална работа на дневна основа интервенираат онаму каде има потреба за семејствата што живеат во супстандардни услови.

Share