Министерот Димковски на увид во активностите од втора фаза на процесот за консолидација на земјоделско земјиште во Логоварди

12.07.2020 11:30:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, денеска беше на увид во активностите од втора фаза на процесот за консолидација во Логоварди, кое е многу значајно земјоделско подрачје во Пелагонискиот регион.

Процесот на консолидација опфаќа неколку фази, а во Логовади се спроведува веќе втората фаза-Планирање на распределба на земјоделското земјиште и на потребните интервенции во земјоделската инфраструктура.

 

“Конкретно, ова подрачје опфаќа дури 393 ха земјоделско земјиште а е расцепкано на 769 земјишни парцели кои се во сопственост на 397 сопственици. Просечниот број на парцели по сопственик изнесува 2,4 со просечна големина на парцела од само 0,5 ха.

Поради оваа расцепканост голем дел од парцелите немаат пристап до пат а со застарениот начин на одводнување изложени се на голем ризик од поплави па поради овие фактори затоа Логоварди е меѓу првите 10 подрачја во нашата држава  каде што беше започнато окупнување или  консолидација на земјиште“-изјави министерот Димковски.

 

Консолидација на земјоделско земјиште е транспарентен процес во кој најважна улога имаат сопствениците на земјоделско земјиште кои учествуваат во процесот.  Секој учесник е консултиран и активно учествува во секоја фаза од постапката.

Програмата за консолидацијатековно се спроведува на повеќе локации во државата, вклучително Логоварди и Оптичари (Општина Битола), Соколарци, Спанчево (Општина Чешиново-Облешево), Трн (Општина Битола), Лешани (Општина Дебарца), Кожле (Општина Петровец), Дабјани (Општина Долнени).

 

Share