Вицепремиерката Царовска и министерот Димковски во работна посета во Неготино – Со поддршка од ЕУ и средства од Владата се развиваат винскиот и еко туризмот и пчеларството во Тиквешијата

19.08.2020 14:50:00


Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини и градоначалникот на Неготино Тони Делков, реализираа посета на оваа општина, за време на која извшрија увид во активностите кои се спроведуват во рамките на потпроектот „Вински, aпи и еко туризам во Неготино и околината“, дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, финансисиран со средства од Владата на Република Северна Македонија, општина Неготино и Делегацијата на Европска Унија, а кој се спроведува во соработа со канцеларијата на Светска банка.

Во рамките на проектот „Вински, апи и еко туризам во Неготино и околината“, се реализираат повеќе инфраструктурни зафати во општината како реконструкција и адаптација на старата училишна зграда во с. Вешје во Едукативен Апи центар, уредување на патеки во околината на постојниот пчелен парк во с. Вешје, уредување на постојни жардинери и поставување на урбана опрема во Неготино, уредување и опремување на современа „Винска архива“ во рамки на постоечкиот повеќенаменски објект „Желкова куќа“ во централното градско подрачје на Неготино, реконструкција на бина и поставување на саемска и манифестациска опрема во централното градско подрачје на Неготино и поставување на информативна паметна постојка, информативни табли и патокази за туристите во градот Неготино.

По извршениот увид во сите тековните активности кои се спроведуваат во рамките на овој проект, Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, рече дека сите овие инвестиции кои се прават во општина Неготино  директно влијаат во подобрување на социо-економскиот живот на граѓаните во оваа општина, но исто така и во културниот живот.

„Оваа инвестиција се однесува на вложувања коишто се во вински туризам, апи туризмот и еко туризам и како држава сметам дека навистина на овој начин може да ги направиме општините многу поатрактивни места за посета и на домашни туристи, но и на странски туристи. Дополнително на овој начин се отвараат и нови работни места коишто се значајни да младите останат и да го продолжат својот живот и во регионите коишто не се доволно развиени. Сметам дека како Влада покажавме што значи директна инвестиција во секој регион подеднакво и развој во сите општини подеднакво, се со цел да обезбедиме квалитетен живот за сите наши граѓани и сограѓани. Оваа инвестиција, којашто е тука е благодарение на Европската унија и изнесува 16 милиони денари,  ќе влијае и понатаму општината да ги развива овие објекти коишто се реконструираат и да може да ги развива и винскиот и апи туризмот којшто се развиваат во Неготино и околината на градот“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски посочи дека со поддршка од ЕУ, преку ИПАРД 2 програмата се поттикнува развојот на руралните средини, при што се осврна на пчеларството, кое како гранка во земјоделството бележи значителен раст во последните години.

„Имавме прилика да видиме како може иновативно да се пристапи на реконструкција и адаптација на еден запуштен објект во с. Вешје. Преку ЕУ фондовите, покрај преку ИПАРД 2 програмата, кои средства се наменети за финансирање на развојот на руралните средни, а и преку другите компоненти, можеме да видиме како средствата наменски се користат на вакви локации, каде се гради еден АПИ центар, кој ќе прерасне во центар за едукација, обука и организација на летни кампови каде може пчеларите да се дружат и да разменуваат искуства за развојот на еден многу важен потсектор во земјоделството.  Пчеларството е значајно, во 2020 година, само што заврши пријавувањето за субвенции за пчеларите, при што се пријавени 309 илјади пчелни семејства. Тоа е еден доказ дека секоја година имаме зголемување на пчелните семејства од 20-30 илјади. Во последните три години за околу 30% е зголемен бројот на пчелните семејства,  а оваа локација ќе помогне за понатамошен развој на пчеларството, а понатаму и зголемување на домашниот мед на пазарот“, кажа министерот Димковски.

Претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини кажа дека со поддршка од ЕУ се реализира корисен проект за граѓаните на одлична локација за развој на винскиот, апи и еко туризам. Тој напомена дека гледа повеќекратна корист од проектот, кој ќе придонесе за локален економски развој, ќе ги задржи младите да останат во своите родни места и ќе допринесе за развој на пчеларството и производството на мед.

Градоначалникот на Неготино, Тони Делков, рече дека токму ваков проект со кој се поддржува развојот на винскиот туризам беше потребен на општина Неготино и на околината, со оглед на тоа што овој крај е препознатлив по квалитетното вино и лозовите насади. Тој истакна дека со реализацијата на овој проект се постигнуваат повеќе цели, освен развој на туризмот, важно е што се поттикнува и локалниот економски развој на Неготино. 

Share