Министерот Димковски официјално му ја предаде функцијата на новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа

31.08.2020 16:00:00


Денеска во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, се одржа прес-конференција по повод официјалното примопредавање на функцијата- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Досегашниот министер на МЗШВ,Трајан Димковски официјално ја предаде функцијата на новиот министер Арјанит Хоџа.

Во своето обраќање министерот Димковски ги истакна досегашните постигнати резултати во развојот и унапредувањето на секторот за земјоделство.

“Воведовме нова мерка со која го правиме земјоделското производство поекомично, а тоа е т.н зелена нафта, започнавме со кофинансирање од 30% а од оваа година го зголемивме на 50%, додека пак со новата метода за заштита на земјоделските поседи со помош на авионско засејување бележиме голем успех.

Воспоставивме пракса на навремена и неселктивна исплата на субвенции, ја зголемивме финансиската поддршка за млади земјоделци од неповратни 10.000 евра на 20.000 евра, 80 милиони денари се вратија на 17 илјади земјоделци по основ на поврат на персонален доход, активно се гради водостопанската инфраструктура, браните Конско во Гевгелија и Речани во Кочани, системите за наводнување Равен Речица и Јужновардарска2, а со поддршка од ЕУ се градат системи за наводнување Славишко поле и Чаушица, се зголеми и искористеноста на мерките од ИПАРД програмата и веќе имаме рекордна искористеност од 50%.

Преку Светска банка за модернизација на земјоделството во Република Северна Македонија, ќе се градат откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи и тоа за регионите Скопје, Ресен и Стрyмица“ –изјави досегашниот министер Димковски.

Тој воедно се заблагодари на својот тим за безрезервната поддршка и соработка.

 

Новиот министер на МЗШВ, Арјанит Хоџа истакна дека е голема чест но и одговорност да се води вакво комплексно министерство.

 

“Ова министерство ќе биде партнер со земјоделците и со откупувачите за да може да го зајакнеме земјоделството како гранка, а со тоа и целокупната економија во нашата држава “- изјави новиот министер Арјанит Хоџа.

 

Сите започнати проекти ќе продолжат да се реализираат во насока на остварување на целите за развој и унапредување на земјоделството со цел успешно интегрирање во Европска Унија.

 

 

Share