Започна откупот на тутун, министерот Хоџа на увид на откупниот пункт во Тутунски Комбинат АД Прилеп: Нема да остане неоткупен ниту еден килограм тутун

25.11.2020 15:00:00


Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и директорот на Тутунски Комбинат АД Прилеп, Кире Станкоски извршија увид во текот на активностите за откуп, на еден од откупните пунктови на комбинатот.

 

Откупниот процес оваа година се одвива во услови на пандемија и затоа  сите откупни пунктови на територија на целата држава, процесот го изведуваат со заштитни мерки на највисоко ниво. Заштитата на здравјето на сите кои се вклучени во овој процес е врвен приорет, откупот да помине успешно и безбедно од здравствен аспект.

„ Ова е втора компанија што почнува со откупот. Ние сме тука да видиме како се одвива процесот.  Очекувам дека нема да има поголеми потешкотии во откупот на тутунот, уште е рано да кажеме било каква проценка. Очекуваме се да биде во најдобар ред“ изјави министерот Хоџа.

Тој исто така ги повика тутунопроизводителите да не создаваат гужва, тензии и незадоволство на откупните пунктови бидејќи се’ што е договорено ќе се откупи, нема да остане неоткупен ниту еден килограм тутун, нема простор за грижа и нестрпливост.

Министерот Хоџа апелираше да се почитуваат мерките и протоколите за заштита, бидејќи доколку се појави болеста, целиот откупен пункт ќе мора да се затвори.

Како превентивна мерка за намалување на ризикот, откупувачите имаат детален распоред за тутунопроизводителите точно да знаат на која дата треба да го донесат тутунот, со цел да се спречи појава на гужва.

Директорот на Тутунски Комбинат АД Прилеп, Кире Станкоски изјави дека финансиските средства за откупот на тутун од реколтата 2020 година, се обезбедени. Исплатата ќе биде на ист начин како и минатите години, односно по предавањето на тутунот, веќе утрдедента  кооперантите ќе ги имаат средствата на своите сметки. Тутунскиот комбинат има дваесет и еден откупен пункт. Во наредните денови сите ќе започнат со откупот.

Претставникот на Сојузот на тутунопроизводители, Менде Стомнарски изјави дека тие ќе направат се што е во нивна моќ, во правец на заштита на тутунопроизводителите, ниеден производител да не биде оштетен.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски апелираше до сите откупни претпријатија да ги почитуваат оформените цени на класите на тутун, бидејќи само така тутунопроизводителите кои во најголем број се од прилепскиот регион, на крајот на откупот ќе бидат задоволни.

 

Ориенталниот тутун одлично успева на нашите полиња поради поволните климатски услови. Годинешната договорена реколта изнесува 23 милиони килограми. Количините ќе бидат целосно откупени, за што се склучени 29 932 договори за откуп, со десет откупни компании.

Откупот ќе трае до крајот на февруари. Доколку за време на откупот се појави незадоволство од проценката на класата на тутунот или други проблеми, тутунопроизводителите имаат можност да повикаат Второстепена комисија, со цел ниту еден од производителите да не биде оштетен.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Државниот инспекторат за земјоделство, ќе ја следат состојбата на терен се до завршувањето на откупот, за кој оваа година најважно е да помине без несакани последици по здравјето на тутунопроизводителите, земјоделските инспектори од ДИЗ, вработените на откупните пунктови и сите останити вклучени во процесот.

 

МЗШВ очекува успешен откуп на целокупната договорена количина.

 

Share