Премиерот Заев и министерот Хоџа ги доделија првите договори за поддршка до 20 илјади евра на млади земјоделци

07.12.2020 16:30:00


Претседателот на Владата, Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и заменик директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Ремзи Абдулахи, денеска ги доделија првите договори за поддршка до 20 илјади евра на млади земјоделци за поттикнување на земјоделското производство.

Премиерот Заев истакна дека земјоделството и производството на храна се шанса за успех и дека пандемијата со вирусот КОВИД-19 уште повеќе ја нагласи потребата населението да биде обезбедено со здрава, безбедна, квалитетна и разновидна храна од македонско производство.

„Чест ми е што денеска сме во Штип за да ги доделиме првите договори за поддршка до 20 илјади евра неповратни средства за поттикнување на земјоделското производство на сите млади земјоделци, севкупно 265 апликанти кои одлучија да инвестираат во оваа значајна економска гранка. Вкупната вредност на оваа мерка е 190 милиони денари или 3,1 милиони евра. Сите одобрени апликации добиваат до 20 илјади евра неповратни средства за реализација на предложените инвестиции, за разлика од минатата година кога износот беше помал до 10 илјади евра“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека цел на оваа мерка е да се поттикнат младите луѓе да останат во земјата и да ги реализираат инвестициите за модернизирање на земјоделските стопанства, што значи намалување на производните трошоци и зголемување на конкурентноста.

„Само со вложување во младите може да влијаеме на одливот на кадар и миграција село - град, да се инвестира во земјоделството и да се отвораат нови работни места. Дополнително поттикнува тоа што согласно апликациите има многу креативни и интересни идеи за развој на нови бизниси во агро – секторот кои ќе бидат менаџирани пред се од млади до 40 години. Согласно договорите инвестициите ќе бидат насочени за набавка на пчеларска опрема, молзни системи, млинови, современа опрема за фарми, собирачи за лешници, бадеми, апарати за тресење на сливи и слично“, објасни премиерот Заев.

Минатата  година, преку мерката 113 „Поддршка за поттикнување на земјоделско стопанство“, која се однесува на младите земјоделци до 40 години, финансиската поддршка изнесуваше 10. 000 евра. Со измената на Законот за земјоделство и рурален развој, финансиската поддршка е зголемена за 100% и сега изнесува 20.000 евра. Мерката го поддржува поттикнувањето на земјоделското производство на земјоделски стопанства чии носители се млади земјоделци.

„Оваа мерка докажува дека Владата заедно со Министерството се одлучни во своите политики за поттикнување на младите да учествуваат во земјоделството и руралниот развој. Ние не само што доделуваме помош, односно доделуваме грантови, туку како институција ќе ги следиме во целокупниот процес, за тие да можат да се развиваат. Оваа мерка ќе биде едно од главните оружја на Министерството за земјоделство, за поттикнување на младите земјоделци, да учествуваат во процесот на обезбедување на храна, во процесот на земјоделство и земјоделските производи, и секако со оваа мерка ќе се обидеме да ја намалиме миграцијата младите да си одат од нашата држава, напротив тие својата иднина да ја градат тука со своите семејства“ изјави министерот Хоџа.

 

Владата, Mинистерството и Агенцијата ќе продолжат да креираат мерки и програми кои ќе го развиваат домашниот агро сектор. Наша задача е да ги поттикнуваме, да ги охрабруваме и да им помагаме на сите земјоделци со посебен фокус на младите, да ги реализираат своите идеи и амбиции со цел сите млади луѓе кои сакаат да работат да им овозможиме да придонесуваат и за личниот развој и за развојот на државата.

Share