Министерот Хоџа на средба со Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари во Прилеп: Протестите ќе бидат прекинати до петок, закажана е заедничка средба со откупувачите!

08.12.2020 16:00:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ, денеска во Прилеп  остварија средба со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунските здруженија.

 

На средбата отворено беа искажани проблемите и незадоволството кај тутунопроизводителите од висината на откупната цена на тутунот од годинешната реколта. Иницијативниот одбор  своите барања му ги предаде на министерот Хоџа при што е постигнат договор за прекин на протестите и утврден е заеднички состанок  во петок на кој ќе присуствуваат и откупувачите на тутун.

 

„Им се заблагодарувам на претсавниците на Иницијативниот одбор за одлуката да ги прекинат протестите до петок, кога ќе биде и средбата.  Ако се постигне договор во петок, откупот ќе продолжи онака како што треба. Доколку нема договор, министерството ќе постапува врз основа на ингеренциите со цел да се заокружи успешно оваа година, без разлика на почетните проблеми“ изјави Хоџа.

Министерот Хоџа упати искрена заложба дека се што е во негова моќ и се што е во рамките на надлежностите на МЗШВ, ќе биде спроведено во насока на изнаоѓање на  решение.

Договорената количина за откуп на тутун на ниво на цела држава изнесува 23 милиони килограми. До овој момент, откупени се само 300.000 килограми, односно околу 1.5% што претставува значително многу мала количина.

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопантсво ќе продолжи секојдневно да ја следи состојбата на терен, се до завршувањето на откупот на целокупната количина од годинешната реколта. 

Share