Министерот Хоџа во Прилеп оствари средба со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија

16.12.2020 10:44:00


Во салата на општинската зграда во Прилеп, вчера попладне министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа,   имаше  средба со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија.

Во напната атмосфера, тутунарите го искажаа своето незадоволство од непочитувањето на договорот од петокот, од страна на откупните претпријатија како и незадоволство од проценката на тутунот. Министерот Хоџа ги извести  тутунарите за вчерашниот состанок, кој беше одржан заедно со премиерот Заев и откупувачите. Ги извести и за моменталната откупена количина и просечната  откупна цена на тутунот.

„За жал, тоа што јас јавно го кажав во петокот, не беше испочитувано од некој од поголемите откупувачи и нормално револтот кај тутунопроизводителите се зголеми. Заради тоа, јас веднаш дојдов денес во Прилеп, на нивно барање, за да се договориме како може понатаму да се одвива работата. Иницијативниот одбор, како противодговор на неисполнувањето на договореното на состанокотот во петокот во Скопје, ќе продолжи со организирањето на протести, со блокада на патниот правец Скоје – Прилеп. Тие ќе протестираат но, откупниот процес ќе продолжи да се одвива непречено“ – изјави министерот Хоџа.

Министерот Хоџа  повика на воздржаност и почитување на договорот од петокот, постигнат помеѓу двете страни.

Најавена е  повторна средба во петок, на која ќе присуствуваат двете страни, за да биде направен пресек на количината на откупен тутун за оваа недела. Преку тие бројки ќе се добие солидна основа за разговор и анализа.

Share