Министерот Хоџа, во подрачната единица во Тетово подели картички за зелена нафта за земјоделците од Тетово, Желино, Теарце и Јегуновце.

25.08.2021 13:30:00


Денеска, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа ја посети подрачната единица во Тетово. Заедно со раководителот на ПЕ Тетово, Нуредин Деари, поделија картички за „зелена нафта“на земјоделците од тетовскиот регион.

 

„Една од најзначајните мерки на оваа Влада, која јасно ја дефинира искрената ориентираност кон земјоделскиот сектор, е мерката „зелена нафта“. Веќе трета година по ред, ние го субвенционираме најголемиот трошок во земјоделското производство, а тоа е нафтата за земјоделската механизација. Оваа година исто како и лани, државата субвенционира 50% од трошокот за нафта, што значи дека земјоделците можат да точат гориво за половина поефтина цена од пазарната, бидејќи остатокот ќе го надополни државата. Денеска, јас дојдов овде во подрачната единица во Тетово и на мое задоволство лично  доделив картички за зелена нафта, наменети за земјоделците од Тетово, Желино, Теарце и Јегуновце. Во оваа подрачна единица, опфатени се вкупно 1304 земјоделци од тетовскиот регион, а вкупната вредност на картичките изнесува околу 4.3 милиони денари. До крајот на неделава ќе бидат распределени картички за зелена нафта во сите останати подрачни единици на целата териоторија на државата. Вкупно за оваа мерка обезбедени се 200 милиони  денари. Задоволство ми е што картичките доаѓаат кај земјоделеците во ек на берба и пред почеток на есенска сеидба, токму кога нафтата е најпотребна и кога најмногу се користи земјоделската механизација“ изјави министерот Хоџа.

Тој упати апел, до сите земјоделци корисници на субвенционирана нафта, да дојдат во подрачните единици на МЗШВ и да си ги подигнат картичките, напоменувајќи дека треба да одат на бензиските станици, да ја активираат картичката и да проверат дали износот на картичката одговара на износот на решението издадено од подрачната единица.

Министерот Хоџа потенцираше дека целиот изминат период од почетокот на пандемијата до денес, главна задача на Министерството и Владата беше да го одржиме земјоделското производство, непречено да ги реализираме сите мерки, да го развиваме секторот и покрај сите предизвици кои се случуваа на глобално ниво и тоа не само пандемијата туку и климатските промени.

И покрај сите предизвици успеавме да го заштитиме земјоделскиот сектор. Досега исплативме околу 84 % од предвидените средства за субвенции, а од вчера започна и распределбата на картичките за зелена нафта низ целата држава.

„Сакам да потенцирам, дека и покрај сите предизвици со кои секојдневно се соочува земјоделскиот сектор, ние успеваме да исполниме се што ветивме. Нашата наредна цел е 100 % субвенцонирана нафта, односно нула трошок за гориво кај земјоделецот. Така вистински ќе покажеме дека сме заедно во производството и дека веруваме во нашето земјоделство. Инвестираме во секторот за да бидеме конкурентни на светските пазари и за да можеме заеднички да го делиме успехот“ - со овие зборови министерот Хоџа им се обрати на присутните земјоделци и им посака успешно и бериќетно користење на „зелената нафта“.

Безготовинската картичка е намената за набавка на дизел гориво на било која бензинска станица на Макпетрол АД на целата територија на РСМ.

Крајниот рок за искористување на средствата кои се на располагање на „зелената картичка“ е до крајот на април 2022 година.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици