Објавен вториот повик за учество на тендер за изработка на Физибилити студии за консолидација на земјоделското земјиште

23.11.2018 10:33:00


Објавен е вториот повик за учество на тендер за консултантски услуги за изработка на физибилити студии, во рамки на проектот финансиран од Европската Унија “Воведување на национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД) кој го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Овие физибилити студии се за  седум избрани области за консолидација на земјиште во земјата, и тоа:  Стојаково во Општина Богданци; Трн и Жабени во Општина Битола; Лешани во Општина Дебарца; Чешиново и Чифлик во Општина Чешиново-Облешево и Моноспитово во Општина Струмица. Физибилити студиите, како прва фаза од постапките за консолидација на земјоделско земјиште, треба да покажат дали консолидацијата на земјиште е изводлива во секое од идентификуваните потенцијални области низ државата. 

Рокот за аплицирање на тендерот е до 5 декември, 2018 година до 12:00 часот. Крајниот рок за поставување на технички прашања, согласно насоките во тендерската документација, е среда, 28 ноември, 2018 година.

Сите овластени геодетски компании од Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи се поканети да земат учество на тендерот (Референтен број: 2018/CSAPC/REUDD/100696). Компаниите ќе можат да пристапат до тендерската документација по претходно регистрирање на порталот на Обединети Нации за тендери - United Nations Global Marketplace portal.

На линкот за регистрирање: https://www.ungm.org/Account/Registration геодетските компании е потребно да ги следат соодветните чекори и да ги пополнат бараните податоци за фирмата. Регистрираните компании ќе можат да пристапат до тендерската документација на следниот линк: https://www.ungm.org/Account/Account/Login.

Главната цел на физибилити студиите е да се направи детална проценка на моменталната состојба на терен, да се потврди подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште да се вклучат во процесот, да се идентификуваат индивидуалните потреби, да се провери дали се задоволени сите предуслови за успешна имплементација на консолидацијата на земјиште, во секоја од избраните области.

Врз основа на анализата на ситуацијата, студиите ќе обезбедат препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од областите, а исто така ќе ги идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во земјоделска инфраструктура согласно потребите во секоја заедница.

Проектот финансиран од Европската Унија “Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште”  - или MAINLAND – го спроведува Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) за да обезбеди поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2,5 милиони евра) и придонес на ФАО (61,2 илјади евра).  Истиот ќе се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици