МЗШВ со потсетување до земјоделците: Истекува рок за поднесување аплиции за закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари за производство на сточна храна и подигнување на долгогодишни насади

15.07.2022 10:20:00


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) потсетува дека на 21 јули истекува рокот на кој земјоделците може да аплицираат за двата јавни огласи за закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари со намена за подигнување на долгогодишни насади и производство на сточна храна. Преку овие два јавни огласи на располагање се ставени вкупно 3.769 хектари државно земјоделско земјиште, распоредено во повеќе региони низ државата.

Намената на земјоделското земјиште кое се дава под закуп за првиот јавен оглас е производство на сточна храна  (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години. Со огласот се опфатени 529 хектари земјоделско земјиште над 3 хектари, распределени во 10 региони низ државата: Берово, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Неготино, Свети Николе, Радовиш и Штип.

Вториот јавен оглас е со намена за подигнување на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години, подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање на маслинарници за период до 50 години, поставување на пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години. Вкупно на располагање под закуп со овој оглас се предвидени 3.240 хекатари, распределени во 22 региони низ државата: Берово, Валандово, Виница, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Куманово, Кавадарци, Неготино, Струга, Струмица, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Велес, Штип и Чаир. 

Право на учество на јавените огласи имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Кај огласот за закуп на земјоделско земјиште со намена за производство на сточна храна минималната површина на земјоделското земјиште која може да се даде под закуп на еден учесник изнесува 3 хектари, доколку понудувачот достави потврда од овластена ветеринарна станица за располагање со најмалку 5 грла говеда или копитари, односно 50 овци или кози, односно 20 свињи, односно 500 кокошки, мисирки, гуски, патки или бисерки. Максимална површина на која за овој јавен оглас еден учесник може да аплицира изнесува 20 хектари. Додека кај вториот оглас со намена за подигнување на долгогодишни насади големината на површината која може да се даде под закуп на еден корисник се утврдува врз основа на минимално материјално-техничката опременсот и бројот на вработени според бизнис планот на понудувачот.

Наша цел како министерство е секоја педа обработливо земјиште да го ставиме на располагање за обработка на земјоделците, како мотивација и поддршка за поголемо домашно производство на храна.

Јавните огласи беа распишани на средината од месец јуни и се достапни на следните линкови:

Јавен оглас бр.02/22: http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2688Јавен оглас бр.03/22: http://www.mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=2689

Заинтересираните земјоделци и земјоделски стопанства повеќе информации за јавните огласи може да добијат во секторот за земјиште при министерството, подрачните единици на министерството или на веб странта www.mzsv.gov.mk.

 

Share