Николовски за Сител: Отворен Балкан дава сигурност на граѓаните – Заеднички обезбедуваме храна за сите

02.09.2022 20:35:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски од саемот за вино „Винска Визија за Отворен Балкан“ во Белград за Сител телевизија ја потенцираше важноста на договорот за соработка и обезбеденост со храна кој заедно со министрите за земјоделство на Србија и Албанија, Бранислав Недимовиќ и Фрида Крифца го потпишаа денес во рамки на Самитот Отворен Балкан.

„Преку овој Договор за обезбеденост на храна се обврзуваме да имаме механизам за проток на храна, без никакви ограничувања, без забрани за извоз на стратешките и основни земјоделски производи. Ни претстои тешка зима, но граѓаните да не се грижат, заедно и сплотени ќе обезбедиме доволно количини храна за сите.“ истакна во својата изјава министерот Николовски.

Договорот потпишан меѓу трите држави членки на Отворен Балкан предвидува формирање на Заедничка работна група која ќе го следи неговото спроведување, како и мапирање на капацитетите за складирање на основните земјоделско-прехранбени производи. Исто така Договорот предвидува трите држави членки во наредниот период заеднички да подготват Акциски план 2030 за обезбеденост со храна.

Министерот Николовски го истакна и задоволството од успешната промоција на македонските винарии во рамки на винскиот саем „Винска Визија за Отворен Балкан“.

„Отворен Балкан нуди широк пласман за нашите македоснки земјоделски производи и за нашето македонско вино. На овој голем саем за прв пат учество земаа и малите семејни винарии кои имаа можност да се престават со своето автентично македонско вино. “ истакна министерот Николовски.

Преку одговорни политики кои како министерство ги преземаме успеавме да го стабилизираме и развиеме винскиот сектор, Северна Македонија денес е втора земја по извоз на вино во регионот.

На овој саем Република Северна Македонија ја претставуваат 42 винарии и 3 дестилери со повеќе од 300 различни видови на македонско вино и ракија, а презентирана беше и традиционалната македонска кујна преку учеството на повеќе од десетина производители на храна.

Во својата изјава министерот Николовски потенцира и дека со зголемувањето на средствата во Интерветниот фонд на 900 милиони денари продолжува поддршката за земјоделците со мерки за есенската сеидба, како и мерките кои веќе се договорија за поддршка на лозарите. Оваа година целосно ќе бидат расистени обврските кон земјоделците, а ќе започне и авансната исплата на субвенциите, изјави министерот Николовски во изјавата за Сител телевизија.

Share