Повеќе од 180 земјоделци на трибината во Велес, заедно со министерот Николовски дискутираа за сите теми од земјоделството

22.03.2019 21:43:00


Во врска со информациите во дел од медиумите дека сточарите ја напуштиле трибината, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство одговорно известува дека трибината ја посетија повеќе од 180 земјоделци  кои присуствуваа и активно дискутираа повеќе од два часа, до крајот на настанот, на разни теми од сите области на земјоделството. Неуспешен беше обидот на десетина партиски активисти да создадат впечаток дека земјоделците наводно ја напуштиле трибината.

На денешната трибина во Велес, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, посочи дека  МЗШВ и Владата ја следат состојбата со откупот на јагнето. Николовски потенцираше дека во моментов е сезоната на откуп,  но пикот на продажба се очекува да биде после први април пред самите празници.

„Знаеме за откупната цена. Вчера и завчера постојано тимовите од МЗШВ комуницираат и ги следат состојбите. Бевме и сме во комуникација со сите засегнати страни, со здруженијата и со сточарите. Се одржаа низа средби во претходниот период и како ресорно министерство и како Влада она што можам да го кажам е дека нема да дозволиме сточарите одгледувачи на овци од нивниот производ да прават загуба и верувам дека сите заеднички ќе донесеме решение“, изјави Николовски.

МЗШВ континуирано работи на воспоставување на контакти со нови пазари за извоз на јагнешкото и дека веќе течат преговори за добивање на квота за извоз на јагнешко месо на турскиот пазар. Заедно со здруженијата на овчарите МЗШВ  редовно ја прати цената на европските берзи, посебно Хрватска, Грција и Италија како главни купувачи на македонското јагне.

Во понеделник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе се одржи средба со фирмите кои вршат откуп и извоз на јагнешко месо и претставници на кланичната индустрија. Со нив ќе се разговара за откупот на јагнето и движење на цената на пазарот. Додека во вторник  е договорена средба со Управниот одбор на Сојузот на одгледувачи на овци на Република Северна Македонија, на која ќе се разговара за производната и продажната цена на јагнето.

Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство ја завршува процедурата со пописот кај овците и козите кој треба да заврши до крајот на јуни, кој што е важен за попрецизно дефинирање на политиките за секторот овчарство и распределба на субвенциите. Во делот на политиките за развој на овчарството, голем дел од барањата на овчарите се прифатени. Со Јавното претпријатие за пасишта се работи на  измени во Законот за пасишта со кои ќе се овозможи да се склучуваат повеќегодишни договори за користење на пасиштата, ќе се спроведе вакцинација на јагнињата против бруцелоза и вакцинирање за ентеротоксемија кај овците, која што МЗШВ ја субвенционира со 50 отсто. Во Програмата за рурален развој за 2019 е зголемена сумата за набавка на добиток од 14 на 91 милиони денари вклучително и за овчарство,  а за поголема сигурност во инвестицијата - фармерите кои планираат да инвестираат во добиток, прво ќе склучат договор за поддршка со Платежната агенцијата па потоа ќе ја реализираат инвестицијата. Исто така, во Програмата за рурален развој  се предвидени  средства за околу 50 фотоволтаични колектори и ќе бидат распоредени во бачилата кои немаат електрична енергија. Во Програмата за директни плаќања 2019 година, зголемена е субвенцијата за литар произведено и предадено овчо и козјо млеко од 4 на 4,5 денари по литар. Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, во декември 2018 година, од Република Северна Македонија  се извезени 2.897 јагниња или количина во килограми 33.509кг. Оваа година се извезени 16.533 јагниња или количина во килограми 173.427 килограм.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици