Николовски: Извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи во Русија значително расте

25.03.2019 14:00:00


Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Александрович Баздникин и претставници на стопанските комори присуствуваше на одбележувањето на 14 годишнината од постоењето на Македонско - Руската Стопанска комора, насловена како „Иднината на економската соработка со Руската Федерација". Министерот Николовски ја истакна важноста за економската соработка со Русија особено за трговската размена и напомена дека тоа ќе биде централната тема на следната седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу двете земји, чиј ко-претседател од македонска страна е министерот Николовски,  а воедно се заблагодари за признавањето на новото Уставно име од страна на Руската Федерација.

"Оваа прилика ја користам, повторно да кажам, дека извозот на македонски земјоделско-прехранбени производи во Русија се одвива непречено, не постои никаков застој при влез на македонските камиони во Руската федерација. Извозот на македонски земјоделско-прехранбени производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се овошјето, зеленчукот и цигарите. Во првите месеци од оваа година, според податоците од Државниот завод за статистика е регистрирано зголемување на целокупниот извоз за 41%, а кај земјоделско- прехранбени производи, само во јануари има зголемување за 90% споредбено со истиот период минатата година. Зголемениот извоз од Република Северна Македонија кон Русија во делот на  земјоделско- прехранбените производи се должи пред се на извозот на јаболки, во количина од 3.145 тони, а во вредност од 1,2 милиони евра",изјави Николовски.

МЗШВ и во иднина ја продолжува поддршката на македонските компании за промоција на земјоделско-прехранбените производи на рускиот пазар, преку учество на најголемите саеми во Москва, како што е „Продекспо“ и „Светот на храната“. Дополнително, министерството ќе го финансира и Македонскиот дом во Москва со вкупна финансиска годишна поддршка од  150.000 евра. Македонскиот дом е важен не само за промоција на нашите производи, туку и за поврзување на македонските со руските и компаниите од другите држави.

МЗШВ ќе работи и на збогатување на асортиманот на македонски производи, за кои има интерес на рускиот пазар, како што се македонските вина и млечни производи. Инаку, Владата на Република Северна Македонија ја реафирмираше работата на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, во која земјоделството претставува значаен сегмент во разговорите меѓу Владите на двете земји. Оваа комисија нема одржано седница од 2014 година.

Share