Нов теренски прирачник на ФАО за Aфриканска свинска треска

09.04.2019 14:00:00


Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) издаде нов прирачник за здравјето на животните: Африканска свинска треска: откривање и дијагноза – Прирачник за ветеринарите, достапен и на македонски јазик и албански јазик. Целта на овој прирачник е на ветеринарните техничари и лабораториските дијагностичари да им ги обезбеди потребите информации за брзо дијагностицирање и реагирање при епидемија или случај на Африканска свинска чума. Одгледувачите на свињи, ловците и шумските чувари исто така ќе имаат полза од прирачникот.

Африканската свинска чума е заразно вирусно заболување кое предизвикува хеморагиска треска кај домашните и дивите свињи, со стапка на смртност и до 100%. Како последица на тоа, болеста може драстично да влијае врз продуктивноста на свињарските фарми. Со ова се загрозува не само безбедноста на храната и живејачката на одгледувачите на свињи, па и на другите актери поврзани со нив, туку може да дојде и до сериозни последици по меѓународната трговија.

Со извонредно високиот потенцијал за прекугранично ширење, болеста денеска се смета за ендемска во супсахарска Африка, на Сардинија (Италија), и во делови од Кавказ и Источна Европа. Африканската свинска чума би можела да се прошири од овие области заедно со прекуграничното движење на луѓето, свинските производи, инфицираните диви свињи како и предмети.  Секоја земја која има сектор свињарство е изложена на ризик. Особено е ранлив секторот на домашно одгледување свињи, кој се карактеризира со слаба биосигурност.

Во отсуство на каква било ефективна вакцина или лекување, најдобрата стратегија против Африканска свинска чума е ветеринарните служби да имаат план за рано откривање, заедно со механизам за ран одговор во случај на епидемии. Освестувањето и обучувањето на ветеринарните техничари и другите што ќе се најдат на првите линии на фронтот е од суштинска важност за спроведувањето на таквиот план.

Во овој прирачник се дадени општите информации за болеста и нејзиниот причинител, вклучително и епидемиологијата, патеките на пренесување и географската застапеност. Потоа следи хронолошкиот преглед на откривањето и дијагнозата на болеста, од теренска дијагноза (клинички симптоми, пост-мортем наоди и диференцијална дијагноза) до лабораториско потврдување (т.е. сите главни техники за откривање и на вирусот и на антителата). Вклучени се и препораки за тоа како да се земаат, пакуваат и транспортираат мострите од терен до лабораторијата, како и за итните дејствија што треба да се преземат на ниво на фарма доколку постои сомнение за епидемија.  Прирачникот содржи  и информации за подигање на свеста за Африканската свинска чума, превенција и контрола. На крајот се препорачуваат и извори за помош, заедно со предлози за дополнителна литература.

На почеток на 2019 година ФАО започна со спроведување на итен регионален проект насловен "Итна подготвеност против Африканска свинска чума на Балканот", кој ги вклучува Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.  ФАО ќе работи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство на подигнување на свеста за болеста меѓу сите учесници во синџирот (ветеринари, шумарски служби, свињарски фарми и ловци), обука на ветеринарите и шумарските службеници за откривање, спречување и контрола на Африканска свинска чума во фармите и дивината, како и развивање на планови за спречување и надзор на болеста. На регионално ниво, ФАО обезбедува поддршка за земјите при редовната размена на информации за нивниот статус со и борбата против Африканска свинска чума, олеснувајќи ја координацијата на нивните превентивни и контролни мерки.


ЛИНКОВИ:

ВИДЕО: Африканска свинска чума -  Јавна свест

Новата мапа на ФАО за дива свиња може да помогне во управувањето со Aфриканската свинска чума

Африканска свинска чума: Откривање и дијагноза (на македонски јазик)

Африканска свинска чума: Откривање и дијагноза (на албански јазик)

Африканска свинска чума: Откривање и дијагноза (на англиски јазик)

Таргетирани истражувачки напори за Африканска свинска чума

Почетна работилница за регионалниот проект на ФАО "Итна подготвеност против Африканска свинска чума на Балканот”

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици