Министерот Николовски од утре ќе биде во тридневна официјална посета на Република Чешка

10.05.2019 12:38:00


Од утре во следните три дена министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ќе биде во официјална посета на Република Чешка. Во рамки на посетата, министерот ќе има работна средба со чешкиот министер за земјоделство, Мирослав Томан, со кога ќе разговараат за заедничката соработка на двете држави во секторот за земјоделство и храна, вклучително и бизнис секторот како и за пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија. На средбата е предвидено потпишување на Декларација за намера помеѓу Република Чешка и Република Северна Македонија.

Со Декларацијата е предвидена взаемна соработка на двете држави во делот на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи, размена на искуства во областа на здравјето на растенијата и фитосанитарна политика, шумарската политика, лозарството, производството на вино, консолидацијата на земјоделско земјиште, соработка во евро-интегративните процеси во земјоделските и руралните сектори, како и шумарството, рибарството и аквакултурата и друго.

Во склоп на посетата на Р.Чешка, министерот Николовски ќе присуствува и на Националниот саем за сточарство што се одржува во Брно, Р. Чешка придружуван од делегација од МЗШВ и од пет македонски компании од агросекторот. Во рамки на саемот се предвидени Б2Б средби на македонските компании од млечната и месната индустрија, со чешките компании од областа на земјоделството, со цел воспоставување на бизнис соработка, размена на искуства во делот на сточарството и млекарството, како и зголемување на трговската размена.

Во склоп на официјалната посета на Р.Чешка, министерот Николовски, ќе посети чешка компанија за производство на трактори и компанија за производство на биогас.

Инаку, со Република Чешка за прв пат се потпишува документ за соработка во областа на земјоделството, што претставува позитивен импулс во унапредување на взаемната соработка. Како што беше потврдено на втората седница на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу РСМ и Чешката Република, земјоделството е еден од приоритетните сектори на кој треба да се посвети внимание, бидејќи Чешка увезува значителна количина на земјоделски производи и преработки и тоа претставува можност за пласман на македонските земјоделски производи и зголемување на македонскиот извоз на чешкиот пазар.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици