Министерот Николовски во Р. Чешка на бизнис средби со македонски и чешки компании

12.05.2019 17:00:00


Во рамки на официјалната посета на Република Чешка, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и заменик министер, одговорен за ЕУ и меѓународна соработка на Република Чешка, Јири Шир, присуствуваа на Б2Б средбите помеѓу македонски и чешки компании од областа на млекопроизводството. Министерот Николовски во своето обраќање потенцираше дека овие средби претставуваат одлична можност за размена на информации и искуства кои се потребни при донесување одлуки и се почеток на идна соработка. При тоа, Николовски ги презентираше мерките кои МЗШВ ги презема за развој на млечната индустрија, со посебен акцент на мерките од ИПАРД 2 програмата и Програмата за рурален развој.

„Нашата посета на Република Чешка доаѓа во вистинско време, бидејќи развојот на сточарството, вклучително и на млекопроизводството, е од посебен интерес во креирањето на политиките на Владата на РСМ и на Министерството за земјоделство, шумарство и вододостопанство. Индустријата за млеко и млечни производи е еден од најважните сегменти во агро-индустрискиот комплекс. Во годинешната Програма за рурален развој значително ја зголемивме финансиската поддршка за мерката за набавка на приплоден добиток и за оваа намена одвојуваме близу 1,5 милиони евра. Оваа мерка е важна за подобрување на генетскиот потенцијал, што крајно ќе влијае и врз квалитетот на финалниот производ, а предвидени се и други мерки со кои ќе се поддржи овој сектор. Секако на располагање се и мерките од ИПАРД 2 програмата, кои нудат можност за инвестиции во изградба или реконструкција на млекарници, фарми, набавка на опрема и друго“, посочи Николовски.

Токму мерката за набавка на приплоден добиток од Програмата за рурален развој, беше во фокусот на Б2Б, а целта беше да се идентификуваат можни добавувачи на стелни јуници од Чешка, со цел да се прошири понудата за македонските фармери за набавка на приплоден добиток и поефикасна искористеност на мерката. Во тој контекст, македонските и чешките компании разменија информации и контакти, и истите ќе им бидат презентирани на македонските фармери кои конкурираа на повикот.

На средбата присуствуваа шест македонски и десет чешки компании од млечната индустрија, кои што разменија искуства во областа на млечната индустрија, а разговараа и за можностите за заеднички настап на трети пазари. Чешка забележува значителен напредок во млечната индустрија поради што нејзините искуства се добредојдени за македонските компании од овој сектор. Во текот на денешниот ден, министерот Николовски присуствуваше и на отворањето на Националниот саем за сточарство што се одржува во Брно, Р. Чешка, на кој што компании од цел свет ги презентираат своите производи и достигнувања во областа на сточарството.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици