Николовски: Ги преземаме сите мерки за заштита на пчелите и развој на пчеларството

20.05.2019 12:30:00


Од оваа година за прв пат и Република Северна Македонија се вклучи во одбележување на Светскиот ден на пчелата. По тој повод, денеска министерот Љупчо Николовски присуствуваше на манифестацијата организирана од Сојузот на пчеларски здруженија, а поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На денешниот Светски ден на пчелата, целиот свет се потсетува на важноста на пчелите за животната средина и се испаќаат пораки за заштита на пчелите.

Министерот изрази посебна благодарност до Република Словенија и до амбасадата на Словенија во Република Северна Македонија, за нивната заложба и иницијатива до Организацијата на Обединети Нации, за 20-ти Мај да биде прогласен за Светски ден на пчелата.

„Република Северна Македонија беше дел од земјите кои ја поддржаа оваа иницијатива и активно се вклучи во политиките за заштита на пчелите. Минатата година во Словенија, кога за прв пат се одбележа Светскиот ден на пчелата, потпишавме Декларација со која се обврзавме на преземање на мерки за поддршка и заштита на пчелите и на другите опрашувачи. Владата на Република Северна Македонија и МЗШВ ќе дадат силен придонес во процесите на зачувување на пчелите и развој на овој сектор, бидејќи пчеларството е навистина важна стопанско-прехранбена гранка. Денес испраќаме порака дека зависиме од пчелите и од другите опрашувачи. Затоа, наша должност и обврска е секојдневно да работиме на заштита на пчелите, бидејќи тоа е важно за нашата иднина, за решавање на проблемите поврзани со глобалното снабдување со храна и за справување со гладта во светот“, изјави министерот Николовски.

Пчелите се под голема закана од комбинираните ефекти на климатските промени, интензивното земјоделство, пестицидите, загубата на диверзитетот и загадувањето. Со поддршка од Светската здравствена организација, Организацијата за храна и земјоделство –ФАО, го разви Меѓународниот Кодекс на управување со пестициди, што обезбедува најдобри практики кои можат да помогнат во намалување на изложеноста на опрашувачите на пестициди. РСМ како држава активно се вклучува во преземање на сите мерки кои што ќе придонесат за заштита на пчелите, преку едукација особено во делот на правилна употреба на пестицидите.

Пчеларството е гранка која има важен придонес во земјоделскиот сектор и во зачувување на животната средина. Владата на Република Северна Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е силно посветена на развојот на оваа значајна земјоделска гранка. Преку Програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и ИПАРД Програмата, создаваме институционална поддршка за пчеларството, со што директно го поттикнуваме зголемувањето на пчелните семејства и целокупниот капацитет на пчеларскиот

сектор. Бројот на пчелни семејства последните три години бележи пораст и според последните податоци за пријавени субвенции за 2018 година, изнесува 240.000 пчелни семејства. Со техничка поддршка од словенечкото Министерство за земјоделство, шумарство и прехрана, МЗШВ ќе започне да работи на модел на пребројување на пчелните семејства со цел да се добие точна бројка, што е важно за понатамошните политики за развој на оваа гранка и за поделбата на субвенциите.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици