Денеска во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се одржа Втората работилница од Регионалниот проект “ Подобрена методологија за собирање податоци за одржливо управување со рибни ресурси во Западен Балкан“.
Овој Регионален проект е поддржан од Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации- ФАО, во кој покрај Република Северна Македонија, учествуваат и Република Албанија и Црна Гора.
Со оглед на тоа, дека една од основните цели во областа на рибарството е овозможување на трајно користење на рибите преку одржлив развој, целта и на овој проект е своевидна помош на креаторите на политиката и на сите други засегнати страни во областа на рибарството за олеснување на одржливото користење на рибите преку разгледување на моменталните состојбите во областа на рибарството, проценка на постоечките практики, како и нивен понатамошен развој.
Со овој проект се очекува да се воспостави соодветна методологија, да се овозможи добивање на стандардизирани и споредливи национални бази на податоци, кои натаму ќе може да се користат за изработка, усвојување и реализирање на национални и подрегионални планови за управување со ресурсите во согласност со пристапот базиран на одржливо рибарство. Со тоа, ќе се направи уште еден чекор натаму во прилагодувањето на европските барања за рибарството.