Димковски: Продолжува набавката на високо стелни јуници, со мерката создаваме домашен генетски потенцијал

17.01.2020 12:00:00


Денеска, во село Соколарци, Општина Чешиново-Облешево, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалникот на општината Горанчо Крстев, го посетија објектот во кој се чуваат 96 јуници, набавени преку мерката 1.2.1 од Програмата за рурален развој.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да излезе во пресрет на сточарите, мината година направи измени на мерката за „Набавка на добиток од увоз или од признати организации согласно Законот за сточарство -набавка на високостелни педигрирани јуници (со исклучок на јуници од расата Буша), педигрирани машки и женски приплодни грла овци, педигрирани машки и женски приплодни грла кози. На барање и во интерес на сточарите мерката e изменета и за прв пат овозможено е кофинансирањето на набавката на високо квалитетен генетски расплоден материјал да биде договорен под нивни услови!

Со измените на мерката 1.2.1 веќе се гледаат резултатите на терен. Во декември во с. Логоварди, Општина Битола беа набавени 159 јуници.

„Денеска сме сведоци на уште една набавка од мерката, овојпат во с. Соколарци, Општина Чешиново-Облешево. Набавката во с. Соколарци е во вредност од над 10 милиони денари. Вкупната вредност на целосната набавка од мерката, согласно последниот повик од минатата година, изнесува 135 милиони денари финансиска поддршка за набавка на 1529 грла високо стелни педигрирани јуници, а процентот на кофинансирање е од 50-75 % и тоа е историски највисока поддршка. До овој момент, увезени се 535 грла јуници. Очекуваме во следниот период да продолжи увозот и да се набави вкупно планираната бројка од 1529 грла. Освен јуници, планирана е набавка на педигрирани грла овци и кози. На овој начин овозможуваме создавање на домашен генетски потенцијал кој треба понатаму да го одржуваме. - изјави министерот Димковски

Од ваквата политика на МЗШВ, најголема придобивка имаат сточарите кои ќе можат да ги зголемуваат матичните стада, со добиток со висок генетски потенцијал, што ќе придонесе за зголемување на количината на сурово млеко. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски истакна дека, радува фактот што носители на апликацијата се две жени кои се носители на земјоделски стопанства, што значи дека мерките за развој на земјоделството допираат и до руралните жени кои се повеќе се охрабруваат да водат земјоделски стопанства, да аплицираат и да ги користат мерките од програмите.

„ На последниот оглас склучивме 68 договори за увоз на педигриран добиток во висина од 135,5 милиони денари од кои два проекти се овде во Соколарци. Преку Програмата за Рурален развој, и МЗШВ и ние како Агенција покажавме дека се грижиме за сточарството во Република Северна Македонија.Претходно ги олеснивме и процедурите за добивање на средствата за набавка за добиток. Сега прво склучуваат договор па потоа влегуваат во инвестиции фармерите. Со ова обезбедуваме сигурност за развој на домашното сточарство а асо тоа и зголемување на сточниот фонд. “-изјави Бабовски

Градоначалникот на општината, Горанчо Крстев посочи дека отворањето на нови фарми, значи развој на овој регион и отворање на нови работни места.

МЗШВ со своите политики носи долгорочен прогрес во сточарството, целокупната млечна индустрија преку обезбедување на домашна сурвина на млеко и месо а со тоа директно влијаеме на развојот на домашната економија во целост.

Share