Соопштенија


Денеска во Скопје, во Паркот на франкофонијата се одржа второто издание на манифестацијата „Фестивал на биодиверзитет“. Настанот е во организација на Слоу Фуд Водно а со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

„Малите производители се во фокусот на делување на Министерството за земјоделство, шумарство и водстопанство. Малите земјоделци треба да ги мотивираме не само ние како институција туку и секој еден од нас, на тој начин што при купувањето на храна треба да им дадеме предност на локалните производители. Да купуваме првенствено храна која е типична за нашето поднебје, а помалку храна која поминала долг транспорт и складирање во магацини. Да купуваме храна произведена со примена на агропрактики за органско производство, храна одгледана во малите земјишни парцели на локалните производители, од домашни сорти добиени по пат на природна селекција од семиња сочувани од нашите баби“ рече Николовски.


Првата сабота од јули светот ја одбележува како Меѓународен ден на задругарството. По тој повод, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски оствари средба со претставници на здружението Мрежа на задруги.

На средбата се потенцираше значењето на задругарството како бизнис модел, инспириран од кооперативните вредности на самопомош, самоодговорност, демократија, еднаквост и правичност, солидарност и етичките вредности на чесност, отвореност, социјална одговорност и грижа за другите, со цел изградба на подобар свет.


Во тек е жетвата на јачменот. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска изврши увид во текот на жетвата и беше во посета на младиот земјоделец Славче Костев,  производител на јачмен од Свети Николе.

„Цената за откупен килограм јачмен изнесува високи 17 денари, за разлика од ланската година кога цената изнесуваше 10 денари. Очекувам вкупната количина на јачмен за оваа сезона да достигне до околу 140.000 тони. Ме радува кога директно од земјоделците го слушам нивното задоволство и од цената, но и од мерките кои изминатиов период како министерство ги носиме за поддршка на земјоделците“ изјави министерот Николовски.

Преку мерките од Националниот план ги поддржуваме земјоделците за набавка на вештачко ѓубриво и даваме дополнителна поддршка до 100 евра по хектар за зголемен принос на житни култури, како мотовациона мерка на земјоделците кои ќе го предадат во домашни преработувачки и откупни капацитети. Оваа мотивациона мрека за остварен принос, од оваа година, важи за сите површини од 1 хектар па нагоре, без ограничување.


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски од Свети Николе започна со доделување на договорите за закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари за обработка на житни култури.

Распишаниот јавен оглас беше распореден во 14 региони низ државата и на располагање нудеше земјоделска површина од 5.722 хектари. Овој јавен оглас предизвика голем и до сега рекорден интерес кај земоделците со дури 258 склучени договори за закуп.

“Наменски го објавивме овој оглас за да ги зголемиме обработливите површини под стратешки култури и во тоа успеавме. Токму ова беше нашата цел преку Националниот план за производство на храна, да обезбедиме нови земјоделски површини и да го зголемиме домашното производство за обработка на стратешки култури. Ова е денес прашањето кое целиот свет го мачи, предизвик пред кој секоја земја е исправена, како последица од војната во Украина. Како да се стабилизира домашното производство и да обезбедиме доволно храна“, изјави министерот Николовски на денешниот настан.


Од страна на АФПЗРР на 10.277 млекопроизводители исплатени  се 76.3 милиони денари за предадено кравјо, овчо и козјо млеко во месеците јануари и февруари 2021 година согласно пријавените количини од страна на преработувачките капацитети.

Корисници на оваа финансиска поддршка се регистрирани земјоделски стопанства одгледувачи на говеда, овци и кози во Регистарот на одгледувалишта. Висината на директните плаќања изнесува 3.5 денари по литар произведено и предадено кравјо млеко во преработувачки капацитети запишани во регистарот на откупувачи на земјоделски производи и 4.5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.