Северна Македонија се приклучи на Европската советодавна комисија за рибарство и аквакултура

03.06.2023 14:50:00


Северна Македонија како 37 членка се приклучи кон Европската советодавна комисија за рибарство и аквакултура (EIFAAC) на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски го информираше за одлуката генералниот директор на ФАО, Ку Донгју.

– Македонскиот сектор за рибарство и аквакултура е мал, но важен за земјата, со производство на риба од околу 2.500 тони годишно. Аквакултурното производство првенствено се сведува на видови пастрмка и крап, а се одвива во бари, реки и езера. Министерството има цел да го удвои производството на аквакултура до 2030 година за да ја зголеми домашната обезбеденост со храна во согласност со Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021–2027 година и Национална стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018–2023), се наведува во соопштението од ФАО.

Според министерот Николовски, членството дава можност за вклучување во регионални проекти за рибарство и аквакултура, пристап до знаење и научни совети, трансфер на градење капацитети и технологии и иновации за аквакултурата.

Постојаниот претставник на Северна Македонија во ФАО, Лидија Попандонова смета дека иновирањето на секторот аквакултура со цел да се зголеми производството на храна од водно потекло и неговата отпорност кон климатските промени е приоритет за земјата. Таа очекува дека експертите на EIFAAC ќе помогнат да се зајакне технолошкиот капацитет на бизнисите во Северна Македонија за аквакултура и производство на риба на одржлив начин и за обновување на природните води со автохтони видови.

Во наредните години, 37-те членови на Комисијата, меѓу другото, ќе соработуваат за промовирање на иновациите и дигитализацијата и зајакнување на животната средина во руралните средини, како и за поддршка на одржливото управување со природните ресурси и олеснување на отпорноста во секторите храна и земјоделство. Работата на Европската советодавна комисија за рибарство и аквакултура треба да придонесе кон обезбеденоста со храна и намалување на сите форми на неухранетост.

EIFAAC е основана како регионално тело за рибарство од страна на Советот на ФАО во 1957 година и е важен меѓувладин форум за соработка и размена на информации за рибарството во затворени води и аквакултурата меѓу сите европски земји. Домаќин на следната седница на EIFAAC ќе биде Владата на Хрватска во 2024 година.

– Управниот комитет на EIFAAC, Техничкиот и научниот комитет, членовите и Секретаријатот ја поздравуваат Северна Македонија како нова членка и се радуваат на развивање силни односи со земјата во врска со рибарството во затворени води и аквакултурата, стои во соопштението од ФАО.

Share