Проектот финансиран од Европската унија „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, ко-финансиран и спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО), распиша јавен тендер (UNGM Референтен број: 2023/REUXD/REUTD/122655) за обезбедување на услуги за „Изградба на градби за хидромелиоративни работи и градби наменети за уредување на земјоделско земјиште (тампонирани пристапни/сервисни патишта) во с. Дабјани, Општина Долнени’’.
Активностите што треба да се спроведат како дел од овој тендер вклучуваат градежни работи за подобрување на земјоделската инфраструктура во консолидационо подрачје Дабјани. Поконкретно, ова вклучува рехабилитација на постојните тампонирани пристапни/сервисни патишта и изградба на нови. Дополнително, ќе се спроведат хидромелиоративни интервенции за подобрување на системот за одводнување, вклучително и изградба на премини преку постојните одводни канали со користење на цевки и цевасти пропусти.
Потенцијални понудувачи можат да бидат сите градежни фирми регистрирани во Република Северна Македонија, кои поседуваат најмалку лиценца Б за градба, издадена од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија.
За пристапување до тендерската документација и поднесување понуда, заинтересираните компании прво треба да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар - United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) (www.ungm.org/Vendor/Registration), бидејќи само компаниите регистрирани во UNGM имаат право да учествуваат. По успешна регистрација, компаниите ќе можат да пристапат до тендерската документација и да ги достават своите понуди преку истиот портал на UNGM (www.ungm.org/Account/Account/Login).
Краен рок за поднесување на електронска понуда за тендерот е 21 август (понеделник) 2023, најдоцна до 13:00 часот, по средноевропско време.
Повеќе информации:
Консолидационото подрачје Дабјани се наоѓа во општина Долнени, оддалечено приближно 22 км од градот Прилеп. Во моментов тоа е најголемиот тековен проект за консолидација на земјиште во Северна Македонија. Подрачјето зафаќа 742 хектари (ха) земјоделско земјиште, во сопственост поделена помеѓу 85 приватни сопственици на земјиште (435 ха) и државата (307 ха).
Во 2019 година беше спроведена Студија за оправданост (физибилити студија) за Дабјани со цел да се истражи потенцијалот за консолидација на земјиштето при што се испитаа земјоделското земјиште, сите имотни и правни прашања, состојбата на постојната земјоделска инфраструктура и нивото на интерес меѓу сопствениците на земјиштето за учество во процесот на консолидација. Студијата исто така го потврди пристапот на консолидација на земјиштето во Дабјани – распределба со промена на границите - кој е применет во ова подрајче.
По спроведувањето на физибилити студијата, беше спроведено планирање на распределба на земјиштето и проектирање на потребните интервенции во земјоделската инфраструктура во консолидационото подрачје. Планот за распределба на земјиштето беше усвоен во јануари 2022 година. Преку процесот на распределба на земјиштето поддржан од проектот MAINLAND финансиран од ЕУ, во Дабјани бројот на земјишни парцели значително се намали, од 602 на 127 парцели, резултирајќи со парцели со правилна форма и просечна големина од 5.84 ха, што е значително зголемување од претходниот просек од само 1.23 ха пред консолидацијата на земјиштето.
Во рамките на проектот ‘’Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија’’финансиран од ЕУ, беше направен Основен проект за Изградба на градби за хидромелиоративни работи и градби наменети за уредување на земјоделско земјиште (тампонирани пристапни/сервисни патишта) во село Дабјани, а градежната дозвола беше издадена од општина Долнени на 13 јули 2023 со бр. 33-970/11.
За проектот финансиран од ЕУ „Унапредување на консолидација на земјиштето во Северна Македонија“.
Надоврзувајќи се директно на резултатите од проектот MAINLAND, овој проект има за цел да му помогне на МЗШВ во понатамошното унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија преку подобрување на националната политика за консолидација на земјиштето, вклучувајќи ги стратешките, правните и институционалните рамки, како и да продолжи да ја поддржува имплементацијата на Националната програма за консолидација на земјиштето преку целосна имплементација на два проекти за консолидација вклучително и изградба на земјоделска инфраструктура. Буџетот на проектот е 1,2 милиони евра, финансиран од ЕУ ИПА II 2019 (1 милион евра) и придонес на ФАО (0,2 милиони евра). Проектот ќе се реализира во период од 42 месеци, почнувајќи од август 2022 година до јануари 2026 година.
За повеќе информации поврзани со соопштението, ве молиме контактирајте:
Радмила Славкова, Национален специјалист за комуникации на ФАО
тел: +389 (0)71 21 23 08
е-маил: radmila.slavkova@fao.org
Овој канал не треба да се користи за добивање појаснувања за прашања поврзани со самиот тендер. За таа цел треба да се користат само каналите наведени во тендерскиот документ.