Николовски: Лидерското место го потврдивме - Први во регионот започнуваме со реализација на ИПАРД 3 програмата, создавајќи нови можности за развој на македонското земјоделство

03.09.2023 14:00:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска презентирајќи ги пред новинарите можностите кои се ставаат на располагање за модернизација на македонското земјоделство, го означија стартот од реализацијата на новата ИПАРД 3 програма.  

На 1 септември 2023 година со распишувањето на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, започна реализацијата на новата ИПАРД програма, започна испишувањето на новата ИПАРД приказна.

„Први во регионот започнуваме со реализација на ИПАРД 3 програмата. 30 милиони евра, 30 милиони европски пари се на располагање на македонскиот агросектор. Ова се средства за нови можности, за многу нови инвестиции за изградба и реконструкција на фарми, оранжерии, амбари, силоси, објекти за земјоделска механизација, објекти и опрема за постбербени активности, објекти и опрема за преработки, опрема за собирање, калибрирање, складирање, ладење, сушење, замрзнување. Нова можност за подигнување на долгогодишни овошни, лозови и други насади, набавка на системи за наводнување, набавка на специјализирани транспортни возила. Нова можност за јакнење на руралните подрачја преку инвестиции за изградба на современа инфраструктура, патишта, пешачки патеки, водовод и канализација“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Преку првиот јавен повик на располагање се ставаат првите 30 милиони евра, од вкупно 97 милиони евра, европски средства кои Северна Македонија ги има на располагање за инвестиции преку новата ИПАРД 3 програма. Денес Северна Македонија го потврди лидерското место во регионот, како прва земја која ја започнува реализацијата на ИПАРД 3 програмата.

„Наша цел е со новата ИПАРД 3 програма уште поголема реализација и искористеност на средствата од 100% од она што го имаме добиено од ЕУ и затоа предвидуваме и можности за авансна исплата со цел уште повеќе да ги мотивираме нашите земјоделци. Но, крајната цел е нашите земјоделци, нашата економија да доживее напредок, да доживее развој преку остварувањето на полноправното членство во Европската Унија бидејќи влезот во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки и носи уште повеќе финансиски средства од фондовите на ЕУ“, потенцираше премиерот Ковачевски, на денешната презентација на новата ИПАРД 3 програма.

Нагласувајќи дека со поддршката којашто во изминатиов период, заедно со ЕУ се обезбедува за земјоделците, премиерот Ковачевски оцени дека се постигнува рамномерен регионален развој.

„Во услови на голема светска економска криза, успеавме да понудиме помош за секој земјоделец и за сечиј бизнис на локално ниво за да може да се набавува модерна опрема, модерни машини, да се градат технолошки постројки и секако, да се градат нови објекти во земјоделството, вклучително и на туристички објекти коишто ги развиваат нашите помалку развиени рурални краеви“, нагласи премиерот Ковачевски.

Министерот Николовски во своето обраќање потенцираше и дека се прифатливи и инвестиции во алтернативни земјоделски производи и преработки, производство на пијалоци, непрехранбени производи како и занаетчиски активности.

„Во насока на силна поддршка за јакнење на руралниот туризам кој има извонредно голем потенцијал и природни убавини, со овој јавен повик опфатени се инвестиции за изградба на сместувачки капацитети (хотели, кампови, бунгалови, апартмани, соби) угостителски објекти, ресторани, простории за дегустации, за директна продажба и маркетинг, за организирање семинари во рурални места. Или накратко, овој јавен повик поддржува инвестиции за сè она што значи агросектор и рурален развој“, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешната презентација на новата ИПАРД 3 програма. 

Значајна улога во успешно спроведување на ИПАРД програмата имаат медиумите, навремено информијаќи ги граѓаните за можностите кои им се ставаат на располагање со новата ИПАРД 3 програма. Токму затоа на денешниот настан пред претставниците на медиумите детално беа презентирани новостите во новата ИПАРД 3 програма и можностите кои се ставаат на располагање со првиот јавен повик за мерките 1 и 7.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици