Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Швајцарија, Вероника Хулман.
На средбата министерот Николовски и амбасадорката Хулман разговараа за проектите кои Владата на Швајцарија ги поддржува за развој на македонското земјоделство и руралниот развој.
Министерот Николовски од страна на амбасадорката Хулман беше информиран со деталите за новиот повеќегодишен проект за подземни води, како и за текот на проектите за „Подобрување на пазарната вработливост- IME“ кој се спроведува за поддршка на македонското органско производство и извоз на органски производи од Северна Македонија, на странските пазари.
Новата програма за управување, користење и заштита на подземните води (GWP) финансирана од Швајцарија има за цел да изгради долготрајни капацитети за управување со подземните води на национално и локално ниво. Преку оваа програма Северна Македонија може да преземе соодветни и ефективни активности за одржливо управување со своите подземни ресурси.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварува одлична соработка со ИМЕ – Програмата за зголемување на пазарната вработливост, која финасиски е поддржана со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во соработка со ИМЕ се разви новиот закон за органско производство, како и изработка на Националната листа на влезни податоци за органско земјоделство. Поддршка и заедничка соработка со ИМЕ министерството оствари и при реализацијата на информативната кампања за новата програма на министерството со која се обезбеди поддршка за малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло. Програма преку која министерството дава грант поддршка до 10.000 евра на малите производители на храна за набавка на опрема за производство.
Она на што следно како министерство работиме заедно со ИМЕ е поттикнувањето и формирање на Национална унија на млади фармери и создавање Национална програма за поддршка на млади фармери.
Министерот Николовски и амбасадорката Хулман, на средбата, заеднички се согласија дека наредниот период, двете пријателски земји ќе го искористат за унапредиме на меѓусебната соработка на сите полиња во областа на земјоделството.