Собранието го донесе новиот Закон за виното – Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

28.03.2024 14:27:00


Собранието на Република Северна Македонија, на денешната седница, со 64 гласа ЗА го донесе новиот Закон за виното, предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исполнивме уште еден даден збор пред лозарите.

Новиот Закон за виното во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство, во делот на воведувањето нови производи од вино, како органско вино и ароматизирани вински производи.

Македонското вино најмногу се извезува кон земјите членки на Европската Унија и токму овој нов закон придонесува непречено да се зголеми, но и олесни извозот на македонско вино и производи од вино кон ЕУ.

Законот за виното во целост е на страна на лозарите, решавајќи уште еден голем проблем за лозарите, а тоа е откупната цена. Со новиот Закон за виното, за првпат, се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, се предвидува да ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството.

Новиот закон предвидува и креирање на нова годишна, посебна програма за финансиска поддршка во лозарството и винарството, каде преку конкретни мерки, уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектори.

Системот на заштитата на географските индикации на виното, во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот Закон за виното во овој дел предвидува, истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло, или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.

Вината со географска ознака ќе треба да исполнуваат одредени барања во однос на квалитет или географски карактеристики, односно да бидат произведени од грозје кое потекнува исклучиво или во најголем дел од дефинираното географското подрачје и производството на вино се одвива во дефинираното географско подрачје. Во насока на заштита на географските индикации на виното областите погодни за производство на вино во законот се делат на региони и реони, и виногорја, локалитети, месности.

Производството на вино со географска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје, до производство на вино со географска ознака. Сите  заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.

Министерот Николовски упати благодарност до сите чинители во креиарањето на новиот Закон за виното, лозарите и земјоделските здруженија, стручната и научна јавност и винариите.

Новиот Закон за виното заедно со десетгодишната Стратегија за развој на винарството и лозарството трасираат нов пат и сигурен развој на двата сектори, винарство и лозарство, преку стабилно произвдоство на винско грозје со мотивирани лозари, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на светската винска мапа.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици