Чифлик го усвои планот за консолидација на земјиштето, поддржан од мнозинството земјопоседници

27.10.2024 16:10:00


Земјоделската област Чифлик (Општина Чешиново-Облешево) ќе претрпи значителна трансформација, по достигнување на клучната пресвртница во проектот за консолидација на земјиштето во селото. На 18 октомври, сопствениците на земјиште со квалификувано мнозинство го усвоија Планот за распределба на земјиштето, со што Чифлик стана шесто село во Северна Македонија каде што се спроведува консолидација на земјиштето. Оваа иницијатива е дел од проектот финансиран од Европската унија „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, ко-финансиран и спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Зафаќајќи 156 хектари, напорите за консолидација на земјиштето директно ќе им донесат придобивки на 395 земјоделци. Планот за распределба на земјиштето значително го намалува бројот на земјишни парцели трикратно - од 1.246 на само 454, при што просечната големина на парцелите се зголемува од 0,13 на 0,34 хектари. Ова ќе овозможи создавање на поголеми и поефикасни парцели, кои ќе ги рационализираат земјоделските практики и ќе ја подобрат продуктивноста на долг рок.

 

Со усвоениот План за распределба на земјиштето, следната фаза ќе се фокусира на регистрирање на новоформираните парцели во Катастарот на недвижности. Истовремено, се подготвува значителна инвестиција во земјоделската инфраструктура во Чифлик, финансирана од ЕУ. Планираните подобрувања вклучуваат унапредување на пристапните патишта и изградба на нови, заедно со развој на неопходните системи за наводнување и одводнување.

 

Овие инфраструктурни подобрувања имаат за цел да ја зголемат пристапноста до земјоделските површини и да обезбедат ефикасно управување со водите, поддржувајќи одржлив раст и повисоки приноси за локалните земјоделци.  Изградбата на инфраструктурата се очекува да започне следната година, што ќе го означи следниот чекор во трансформација на земјоделската средина во Чифлик и ќе даде поттик за руралниот развој во Северна Македонија.

Повеќе информации:

Консолидационото подрачје Чифлик се наоѓа во општина Чешиново-Облешево, во Источниот регион. Подрачјето зафаќа 156 хектари (ха) земјоделско земјиште, расцепкани на 1.246 земјишни парцели (пред консолидација на земјиштето), со нeправилна форма и просечна големина од 0,13 ха, во сопственост на 396 сопственици на земјиште. Чифлик се карактеризира со главно рамен терен со плодно обработливо земјиште и поволни природни услови за доминантното производство на ориз. Иницијативата за консолидација на земјиштето во Чифлик произлезе од локалните сопственици на земјиште, кои изразија интерес за консолидација на земјиштето до МЗШВ во 2017 година, а подрачјето беше избрано како подобно за консолидација во 2018 година, во рамките на ЕУ проектот МАИНЛАНД.
 

Во првата фаза од процесот на консолидација на земјиштето во Чифлик, од февруари до јули 2019 година беше спроведена Студија за изводливост на консолидацијата (физибилити студија). Студијата ги оцени земјоделските површини, производствената структура, состојбата на земјиштето, сите постојни имотно-правни прашања, како и интересот на сопствениците за консолидација. Таа ја потврди изводливоста на спроведување консолидација на земјиштето во Чифлик, при што најголемиот дел од сопствениците дадоа силна поддршка, и ја нагласи потребата за подобрување на земјоделската инфраструктура, вклучувајќи пристапни патишта, канали за одводнување и наводнување во консолидационата област.

 

Врз основа на наодите од Физибилити студијата, втората фаза од процесот на консолидација на земјиштето во Чифлик - Планирање за распределба на земјиштето (по принципот на распределба на парцелите со промена на границите) и проектирање на потребните зафати во земјоделската инфраструктура (надградба на постојните и изградба на нови пристапни патишта, канали за наводнување и одводнување), започна во април 2023 година. Фазата на планирање вклучи бројни директни состаноци со сите идентификувани сопственици на земјиште, а во јули 2023 година беше формирано Собрание на учесници во консолидацијата кое го предводеше процесот. Во август 2023 година, беше извршена првата проценка на земјиштето, за да се одреди моменталната вредност на земјиштето на почетокот на процесот на консолидација, проследено со јавни расправи каде што сопствениците беа активно вклучени во давање личен придонес за предложениот План за распределба. До јануари 2024 година, беше подготвен првиот нацрт-План за распределба и беа одржани дополнителни консултации со сите сопственици до јули 2024 година за да се соберат нивни мислења и предлози во врска со прелог распределбата на нивните парцели и предложените подобрувања на земјоделската инфраструктура, обезбедувајќи транспарентен и инклузивен процес пред конечното усвојување.

 

На 18 октомври 2024 година, Планот за консолидација на земјиштето во Чифлик беше успешно усвоен. Вкупно 282 сопственици (71,4 отсто) гласаа „за,“ надминувајќи го потребното мнозинство од 70 отсто. Дополнително, вториот услов – позитивни гласови од сопствениците на најмалку 50 проценти од земјоделската површина предвидена за консолидација – беше исполнет, со поддршка од 76,6 проценти. Како резултат на тоа, планот беше официјално одобрен.

 

За проектот финансиран од ЕУ „Унапредување на консолидација на земјиштето во Северна Македонија“.
Надоврзувајќи се директно на резултатите од проектот MAINLAND, овој проект има за цел да му помогне на МЗШВ во понатамошното унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија преку подобрување на националната политика за консолидација на земјиштето, вклучувајќи ги стратешките, правните и институционалните рамки, како и да продолжи да ја поддржува имплементацијата на Националната програма за консолидација на земјиштето преку целосна имплементација на два проекти за консолидација вклучително и изградба на земјоделска инфраструктура. Буџетот на проектот е 1,2 милиони евра, финансиран од ЕУ ИПА II 2019 (1 милион евра) и придонес на ФАО (0,2 милиони евра). Проектот ќе се реализира во период од 42 месеци, почнувајќи од август 2022 година до јануари 2026 година.
Веб страница на проектот: www.fao.org/in-action/enhancing-land-consolidation/mk 

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици