6-ти состанок и работилница за управување со пожари

31.10.2024 13:15:00


Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, го организираше 6-тиот состанок и работилница за управување со пожари на ниво на предел во државата.

Во рамки на Програмата за „Управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан” (LFMWB), Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со Регионален центар за следење на шумски пожари (RFMC), на ден 29.10.2024 во Хотел ПАРК – Скопје, го организираше 6-тиот по ред „Состанок и работилница за управување со пожари на ниво на предел во Северна Македонија”.

Програмата „Управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан” е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) координирана од ФАРМАХЕМ – Скопје како регионална извршна агенција со законодавна поддршка од ХЕЛВЕТАС агенција од Швајцарија.

На работилницата присуствуваа раководител на сектор за шумарство и ловство г-дин Јордан Здравковски, тим лидер на програмата г-дин Цветан Николовски, Национален соработник на LFMWB програмата за Северна Македонија г-дин Бојан Михајловски, регионален координатор за шумарство и управување со пожари г-дин Велиан Јагеб и претставници на институции, агенции, јавни претпријатија, научно образовните институции, здруженија и волонтерски друштва, претставници од територијалните противпожарни единици, односно чинители тесно поврзани со управување со пожарите на ниво на предел во Република Северна Македонија.

Основна цел на состанокот беше презентирање на тековниот напредок во развој на Стратегија за адаптивно управување со пожари на ниво на предел во Северна Македонија како и повратни информации за презентираната Нацрт верзија од документот односно собирање на вредни препораки од засегнатите страни и членови на Националната мрежа за управување со пожари во земјава.

Овој состанок и работилница претставува уште еден важен чекор во заложбите на државата за развој на сеопфатни практики за управување со пожарите на отворен простор преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како носител на овој процес и во соработка со владините тела и засегнатите страни во управување со пожарите.

Share