Заменик-министерот, Фљакрон Беџети, учествуваше на конференцијата „Одгледување на недрвни шумски производи и поддршка за развој на туризмот заснован на природа во Шарскиот регион“ организирана од здружението Ренесанса. Конференцијата се одржа во рамките на проектот „Заштита на животната средина и промоција на планинскиот туризам,“ финансиран од CNVP Foundation и Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.
За време на конференцијата, заменик-министерот Беџети ја истакна важноста на регионот на Шар Планина за економскиот и природниот развој, потенцирајќи дека планинскиот туризам и недрвните производи се клучни столбови за зачувување на животната средина и подобрување на економските услови за локалните заедници.
Тој посочи дека Министерството за земјоделство ги поддржува овие сектори преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, која обезбедува субвенции за одржување на постоечки овошни насади и одгледување на лековити и ароматични растенија, како и дополнителни плаќања за производите предадени во преработувачки капацитети.
„Нашата посветеност за поддршка на секоја иницијатива што го промовира развојот на туризмот и одгледувањето на локалните производи ќе продолжи, придонесувајќи за оживување на економијата во овој прекрасен регион,“ изјави Беџети.