Денес, заменик-министерот Беџети учествуваше во симболична акција за засадување дрвја на местото Аргач, во селото Ѓурѓевиште, по повод Меѓународниот ден на шумите. На овој настан присуствуваа и директорот на Ј.У. Национален парк „Шар Планина“, Емир Хусејн, како и директорот на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Бејтулах Камбери.
Оваа акција го означува почетокот на еден значаен проект за пошумување на дел од Шар Планина, кој се реализира благодарение на донација од 15.000 садници од холандската компанија Pure Promes. Активностите за пошумување ќе продолжат и во други подрачја во рамките на оваа долгорочна иницијатива за враќање на зеленилото и зајакнување на еколошката одржливост.
Шумите покриваат околу 40% од територијата на Северна Македонија и претставуваат непроценливо природно богатство. Тие имаат клучна улога во зачувувањето на биодиверзитетот, климатската стабилност и подобрување на квалитетот на живот во руралните и урбаните средини.
Во време кога шумите се соочуваат со големи предизвици како што се оштетувањето, пожарите и климатските промени, ваквите активности за подигање на свеста се од суштинско значење за поттикнување на колективна одговорност и одржана посветеност кон заштитата на животната средина.