Земјава остварува значителен напредок во развојот на “Нацрт - Национална стратегија за адаптивно управување со пределите и пожари на ниво на предел”. Состанокот на Националната мрежа за управување со пожари на ниво на предел собра повеќе од 40 експерти од владини институции, истражувачки организации, граѓанско општество, научно образовни институции, агенции и други.
Организиран од страна на Министерството за земјоделство, шумарство, и водостопанство како главен носител, во соработка со регионалниот центар за следење на шумски пожари, овој состанок е дел од активностите на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, која што активно работи во последните две и половина години.
На самиот почеток, раководителот на секторот за шумарство и ловство г-дин Јордан Здравковски со воведно обраќање ги поздрави учесниците и ја нагласи важноста на активното работење на Националната мрежа за управување со пожари, важноста на овој стратешки документ, соработката и заедничките координативни напори во управувањето со пожарите.
“Денешниот состанок претставува клучен момент во нашите напори за развој на сеопфатна и ефективна стратегија за управување со пределите и пожарите во Република Северна Македонија. Во времето кога климатските промени се сè поизразени, а ризикот од пожари постојано расте, потребата од адаптивен пристап во управувањето со пожарите станува приоритет од највисок ранг за државата” – нагласи тој.
Воведно обраќање имаме и тим лидер на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан, г-дин Цветан Николовски со осврт на досегашните постигнувања и резултати добиени, како и активности кои се во моментот и кои следат ги поздрави учесниците и искрени желби и успешен состанок на Националната мрежа за управување со пожари во Северна Македонија.
“Програмата за управување со пожари на ниво на предел како во нашата држава така и во останатите држави во Западен Балкан е активна од 2022 каде нашиот и вашиот заеднички труд придонесе до подготовка на доста значајни документи како Националниот извештај за пожари на ниво на предел вклучувајќи и насоки, националната анализа на недостатоци во управувањето со пожари на ниво на предел, а сега во завршна фаза е и изработката на националната стратегија за адаптивно управување со пределите и пожарите на ниво на предел. Програмата во нашата држава поддржува и 3 мали проекти и 1 прекуграничен проект кои на локално ниво активно ќе ја вклучат локалната заедница во решавањето на проблемите со управувањето со пожари на ниво на предел. Како Програма активно ја вклучивме и научната фела и младите истражувачи и за таа цел во моментот имаме активни 10 млади истражувачи од кои 3 од нашата држава кои работат на своите дипломски и магистерски трудови, а поврзани со различните аспекти на управувањето со пожари на ниво на предел. Воедно сакам да најавам дека во рамки на Програмата, а во соработка со нашиот национален партнер МЗШВ ќе започнеме и една долготрајна кампања за управување со пожари на ниво на предел која ќе има за цел да ја подигне свеста за превенцијата од пожари”.
Г-дин Бојан Михајловски, Национален соработник за Северна Македонија од Програмата, ја презентираше “нацрт Националната стратегија за адаптивно управување со пределите и пожарите на ниво на предел”, поставувајќи основа за продуктивни дискусии на заинтересираните страни. Учесниците придонесоа вредни согледувања базирани на нивната институционална експертиза и оперативно искуство.
Во вториот дел преку интерактивните работни сесии, учесниците се фокусираа на усовршување на Нацрт - Акцискиот план на стратегијата, и обезбедување усогласеност со националните методологии за стратешко планирање. Под експертско водство на г-дин Александар Караев, групите идентификуваа специфични одговорности, практични чекори за имплементација и механизми за координација меѓу институциите.
Учесниците се обврзаа да продолжат со партиципативниот, отворен пристап во развојот на Стратегијата за адаптивно управување со пределите и пожарите на ниво на предел, и да ја подобрат меѓу-институционалната координација. Сите заинтересирани страни изразија подготвеност активно да придонесат во следните фази на создавање единствен пристап за управување со пределите и пожарите на ниво на предел во Северна Македонија.
Оваа состанок претставува важен чекор кон поефективни, координирани стратегии во земјата и придонесува кон заеднички интегриран пристап во управувањето со пожарите.