Трипуновски: Пченицата ќе се откупува по 12 денари, највисока откупна цена до сега

04.07.2025 16:50:00


„На денешната прес-конференција сакаме да ја информираме јавноста и земјоделците околу постигнатиот договор за откупот на лебното жито од реколтата 2025. На почетокот сакам да истакнам дека имаме зголемени површини засеани под пченица и јачмен. Согласно првичните информации кои пристигаат од терен, имаме зголемен принос по единица хектар и квалитет кој исто така е во одлична кондиција”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

 

Министерот информираше дека Министерството одржа серија на состаноци со потсекторската група, со претставници на земјоделски здруженија и претставници од мелничко-пекарската индустрија.

 

„Она што сакам да ги информирам земјоделците и сите оние кои ќе имаат наредниот период предавање на пченица од реколтата 2025-та година – согласно приносот и квалитетот оваа година, мелничарите ќе ја откупуваат пченицата од прва и втора категорија во прва категорија, затоа што квалитетот, како што потенцирав, е одличен. Откупната нето цена за пченицата ќе биде 12 денари, плус дополнителните трошоци кои следуваат”, појасни министерот Трипуновски.

 

Тој смета дека со зголемената количина и оваа откупна цена која за разлика од минатата година е зголемена, е стимул за земјоделците. Министерството и Владата се грижат трудот на македонскиот земјоделец да биде вреднуван.

 

„Очекувам дека жетвата во наредниот период ќе заврши во најдобар тек”, додаде тој.

 

Министерот посочи дека тенденцијата на Министерството е да се стигне до нивото на производство кое ќе ги задоволи домашните потреби.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици