Димковски на „Светски ден на вранецот“: Мерките на Владата на РСМ даваат позитивни резултати, нашата земја станува препознатлива по производството на квалитетно вино

05.10.2019 11:00:00


Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска присуствуваше на „Светскиот ден на вранецот“, меѓународен настан којшто за прв пат се одржува во Република Северна Македонија.

Во РСМ има над 28 илјади хектари под лозови насади од винско грозје, од кои околу  11.000 хектари се под сортата вранец. Министерот Димковски во своето обраќање посочи дека Република Северна Македонија има поволни услови за производство на квалитетно грозје и вино, а сортата вранец е најзастапена, што ја прави нашата земја најголем производител на оваа сорта во регионот.

„Лозарството и винарството се наши стратешки гранки и затоа како Влада изминатите две години посветуваме сериозно внимание на развојот и на примарното лозарство и на винската индустрија. Вкупното производство на вино се движи од 115 до 125 милиони литри, од кои приближно 80 милиони литри завршуваат на пазарите надвор од РСМ, од што годишниот девизен прилив изнесува околу 50 милиони евра. Радува фактот што виното во шише постепено го зазема местото на наливното вино во рамки на вкупниот извоз. Конкретно, додека во периодот 2000-2010 година односот на вино во шише / наливно, беше 10% флаширано остатокот наливно. Во последните неколку години оваа разлика е променета на сметка на вино во шише, и сега изнесува приближно 30% од виното што се извезува е во шишиња, изјави министерот Димковски.

При тоа, Димковски посочи дека македонското вино освен на традиционалните пазари за извоз како  ЕУ – Германија, Хрватска и Словенија и земјите од соседството  како Србија, Босна и Херцеговина,  нашето вино е се позастапено на пазарот на САД, Канада, Кина, Русија и Јапонија. Изминатите две години МЗШВ континуирано работи на мерки кои придонесуваат за развој на лозарството и винарството. Преку мерките од Програмата за директни плаќања 2019, 20 отсто повисоки субвенции за одржување на лозови насади добиваат  лозарите со развоен потенцијал, 30 отство од трошоците за гориво за земјоделската механизација ги покрива државата. Во делот на винската индустрија, е зголемена поддршката за промоција на македонските вина на меѓународните саеми од половина на еден милион евра, а мерките од  ИПАРД 2 програмата овозможуваат кофинансирање на трошоците за  инвестиции за изградба или реконструкција на винарници, како и за набавка на опрема. Во завршна фаза на носење се измените на Законот за вино, со коишто се олеснуваат условите за производство во малите семејни винарии, ќе се воведат нови вински производи, што ќе придонесе и за поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив.

Амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија, Сибилe Сутер Техада, посочи дека Швајцарија преку својата „Програма за вработливоста на пазарите“ и помага на македонската винска индустрија да го зачува идентитетот на вината од РСМ, зголемувањето на сортите, квалитетот и извозот, а се проценува дека околу 20.000 домаќинства ќе имаат корист во зголемување на нивните приходи од пристапот кон меѓународниот пазар.

Претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски, посочи дека вранецот е регионална конекција и е нитка која како држава не обединува со другите странски земји. 

Во рамки на денешната конференција се одржаа презентации и панел дискусии посветени на развојот на винската индустрија. На конференцијата којашто е во организација на здружението „Вина од Македонија “, присуствуваа амбасадори и претставници од дипломатскиот кор во РСМ, домашни и странски експерти од винската индустрија.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици