Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска присусутвуваше на 12-то Советување за водостопанство и хидротехника, во организација на здружението „Македонски комитет за големи брани“. На советувањето на коешто имаше претстваници од научната фела во делот на градежништвото, се дискутираше за моменталната состојба во водостопанството и идните чекори за развој на ово сектор. Министерот Димковски посочи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во изминатите две и пол години започна крупни капитални инвестиции во делот на водостопанската инфраструктура, со единствена цел - преку одржување и реконструкција на браните и системите за наводнување и изградба на нови системи, да ги зголемиме на наводнувани површини и да создадеме услови за рентабилно земјоделско производство.
„Една од поголемите инвестиции е изградбата на Браната Конско, со којашто ќе се овозможи наводнување на 4.200 хектари земјоделски површини во гевгелиско-валандовско-богданскиот регион, производство на електрична енергија и обезбедување на дополнителни количини на вода за хидро системот “Спас на Дојранско езеро“. Околу 56 отсто е изградбата е веќе завршена. Во полн ек е изградбата на современиот систем за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза, со којшто ќе се овозможи наводнување на 2.050 хектари во валандовскиот регион. Над 80 отсто е реализацијата на хидросистемот Равен-Речица, со кој ќе се наводнуваат нови 6.000 хектари во полошкиот регион. Во тек е проектот финансиран од Европска унија за „Мали, еколошки системи за наводнување“ во износ од 1,8 милиони евра“, потенцираше министерот Димковски.
При тоа, Димковски посочи дека паралелно се работи и на проектите за рехабилитација на Пумпна станица Дебарско Поле, ХС “Злетовица” прва фаза за водоснабдување, браните на Оризарска и Слупчанска река и други капитални проекти.
Министерот порача дека реализацијата на сите овие проекти на коишто работиме, ќе овозможи намалување на загубите од вода, трајно решавање на проблемите со наводнување и крајно зголемување на приносите од земјоделските стопанства.