Жените земјоделки за првпат ќе добијат неповратна финансиска поддршка од 3.000 евра

26.11.2019 13:00:00


Денеска Платежната агенција го објави Јавниот повик за доставување на барања за мерката 115 „Активен женски член во земјоделското домаќинство“, од Програмата за рурален развој за оваа година. Максималната финансиска поддршка е во износ од 180.000 денари или 3.000 евра во форма на грант. 

„Оваа мерка за финансиска поддршка на жените земјоделки се воведе за првпат, а целта е да се подобри економската состојба на жените, да се зголеми бројот на регистрирани жени, а со тоа подеднакво да придонесат во развојот на земјоделството. Мерката за развивање во последната година, со што се создадоа услови за објавување на јавниот повик. Очекуваме да има голем интерес за оваа мерка “, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Крајниот рок за доставување на барањата е 26- ти декември 2019 – та година. Корисници на оваа мерка можат да бидат земјоделски стопанства чиј носител е жена, запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„ Со овие средства може да се набави опрема за постбербени активности за овошје и зеленчук, житарици и мелнички производи, растители и животински масла, шира и сок од грозје, вино, оцет, маџун, месо и месни производи, млеко и млечни производи, опрема за прием, собирање и чување, сортирање, чистење, миење, сушење, калибрирање на земјоделски производи. Прифатлива инвестиција е и набавка на опрема за ладење и замрзнување, за сечење, конзервирање, сушење, етикетирање на производи.  Со помош на средствата од оваа мерка може да се набавува и опрема за манипулација, утовар и истовар, ладилници, палети,  опрема за мерење и квалитет, опрема за подобрување на стандардите за благосостојба на животните, изјави директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.

Дополнително, преку мерката „Активен женски член во земјоделското домаќинство“, се промовира и директна продажба или продажба од праг. За оваа мерка е подготвен и Правилник за флексибилност за производи од животинско потекло, којшто дава основа за продажба од праг. Со тоа идентитетот и квалитетот на производот којшто го произведуваат жените во руралните подрачја ќе дојде до израз.

Оваа мерка ја креираше посебна новоформирана Работна група за родова еднаквост и зајакнување на жените, којашто доби силна поддршка од UN Women. Во работната група освен претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,  активно се вклучи и невладиниот сектор (Национална федерација на фармери, Рурална мрежа, Рурална коалиција), Министерството за труд и социјална политика  и Факултет за земјоделски науки и храна. Во следниот период работната група ќе спроведе инфо денови на терен, за дообјаснување на критериумите.

Share


Пон
Вто
Сре
Чет
Пет
Саб
Нед

Одберете датум

Јавни огласи и повици