Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа јавната расправа за новиот Закон за шуми, со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес на креирање законска рамка која ќе ја унапреди заштитата и одржливото управување со шумските ресурси на државата.
Со овој закон ги воспоставуваме темелите за модерно, одржливо и транспарентно управување со шумите, усогласено со европските стандарди и најдобри практики во областа на шумарството.
Новиот Закон за шуми предвидува:
- усогласување со европските регулативи со современи стандарди во областа на шумарството;
- основа за донесување на неколку стратешки документи и програми;
- воспоставување на Шумарски информативен систем (ШИС) за дигитално следење и борба против нелегалната сеча;
- развој на македонски систем за сертификација по PEFC стандарди;
- регулирање на меѓу институционалната поставеност, и усогласеност со ресорите поврзани со управување со шумите, природата и пределите во целина.
Ги повикуваме сите субјекти кои управуваат/стопанисуваат, во рок од 15 дена од денот на јавната расправа да достават дополнителни предлози, препораки и коментари за подобрување на содржината на новиот Нацрт Закон за шуми.
Министерството продолжува со спроведување на реформските процеси во шумарството.
Да изградиме одговорен и одржлив систем за управување со најголемото природно богатство – шумите!