Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски ја посети фабриката ЗОРЛУ ГЛОБАЛ во Демир Хисар, која е наменета за преработка на овошје и зеленчук. Иако сè уште не работи со полн капацитет, веќе е јасно дека претставува значајна инвестиција не само за Демир Хисар, туку и за целиот регион на Ресен и Преспа.
Фабриката е изградена на градежно земјиште со површина од 14.728 м2, од кои 2.347 м2 се под самата зграда. Вкупната површина, заедно со околното земјиште, изнесува 17.075 м2. Овие податоци само ја потврдуваат сериозноста и големината на овој индустриски објект.
Според деловниот план, фабриката треба да започне со првиот циклус на преработка со капацитет од 600 тони производи дневно, што ќе овозможи сигурен пласман за овошјето и зеленчукот од регионот.
„Оваа фабрика е од клучно значење за земјоделците од преспанскиот регион, бидејќи носи поголема економска сигурност, но и мотив за понатамошен развој на земјоделството“, истакна министерот Трипуновски.