Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски присуствуваше на денешната конференција - „Иднината на лозарството: Иновации, стандарди и одржлив развој“ каде што се говореше за конкретни решенија што веќе се реализираат – инвестиции во модерна механизација, мерки за адаптација на климатските промени, зголемена поддршка за младите земјоделци и фер откупни цени со реколта зголемена за над 25 милиони килограми грозје во споредба со ланската година.
„Во насока на создавање услови за одржлив развој на секторот, го јакнеме и законодавството – се подготвува и нов Закон за жестоки пијалаци“, истакна министерот.
Тој додаде дека особен акцент се става на заштитата на географското потекло на автентичните производи, како виното, бидејќи освен ознака, тоа е и гаранција за квалитет, идентитет и традиција.
Преку кампањата „Македонско најдобро“, се промовира вредноста на домашното производство и се подига свеста за квалитетот што го создава македонскиот земјоделец.
„Нашата порака е јасна: со заедничка визија, работа, поддршка и решителност ќе продолжиме да градиме подобра иднина за лозарството што ја чува традицијата и создава силна, одржлива иднина“, истакна министерот Трипуновски.