Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, учествуваше на 19-тиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, кој се одржа во Приштина.
За време на состанокот, претседателството на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) беше предадено на Косово од страна на Северна Македонија.
Заменик министерот Хоџа истакна дека Постојаната работна група за регионален рурален развој ќе продолжи да ја зајакнува соработката, приближувајќи ги нашите земји уште повеќе кон Европската Унија.
Оваа година агендата се фокусираше на напредокот кон развојот на Заедничката земјоделска политика (CAP) и Инструментот за претпристапна помош за руралниот развој (IPARD) во контекст на интеграцијата во ЕУ, како и преглед на регионалната соработка во агро-прехранбениот сектор во рамките на SWG. Покрај тоа, беа презентирани и дискутирани заклучоците од Форумот за земјоделска политика “Охридска агенда 2025” за Југоисточна Европа.
Состанокот ги собра високите претставници на земјите од регионот, со фокус на регионалната соработка и зајакнувањето на земјоделскиот сектор како еден од приоритетите за одржлив економски развој.